22/12/2024
Македонија

Со поддршка на ФАО, АХВ ќе го реализира проектот за борба против африканска свинска чума

ФАО ја зголемува поддршката за македонското земјоделство за 1,5 милиони долари со реализација на 4 проекти за регионална соработка во областа на здравјето на животните и растенијата, намалувањето на загубите и отпадот на храна и за одржливо управување со рибните ресурси. На денешната заедничка прес конференција, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Николовски ја официјализираше соработката потпишувајќи ги четирите проекти.

-Проектите се дел од Програмската рамка на ФАО за 2018-2020 година, потпишана оваа година меѓу ФАО и Владата на Република Македонија во јуни годинава, која е насочена кон три главни приоритети – зголемена конкурентност на земјоделскиот сектор, подобрување на животот во руралните средини преку обезбедување на одржлив рурален развој и одржливо управување со природните ресурси и справување со климатските промени. Важно е Македонија активно да учествува заедно со земјите од Западен Балкан и поширокиот регион, во насока на унапредувањето на регионалната соработка во духот на Берлинскиот процес, како исклучително важна регионална иницијатива за забрзано интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Активностите од овие регионални проекти ќе помогнат при синхронизирано усогласување на националните политики за земјоделство и рурален развој кон Европската унија, во областите кои ги засегаат сите земји партнери во проектите – рече министерот Николовски во обраќањето.

Еден од проектите има за цел да ги вклучи и обедини сите релевантни чинители во борбата против Африканската свинска чума – најсмртоносната заразна вирусна болест кај домашните и дивите свињи, која предизвикува серозни економски загуби во секторот свињарство.

-Агенцијата за храна и ветеринарство е директен корисник на еден од четирите проекти кој се однесува на Итните мерки за справување со Африканска свинска чума на Балканот. Покрај Македонија корисници на проектот се и Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Целта на проектот е спречување на можно внесување, односно ширење на оваа заразна болест на територијата на нашата земја и во регионот. Болеста се шири со постојана брзина низ Источна и Централна Европа уште од првата појава во Грузија во 2007 година, и покрај силниот капацитет на ветеринарните служби на заразените држави во ЕУ и фондовите кои ЕУ ги издвојува за контрола на болеста. Експертите веруваат дека влезот на Балканот, преку домашни или диви свињи, е само прашање на време, со што зајакнувањето на капацитетите за превенција, откривање и контрола на болеста во земјите е од суштинска важност – рече директорот Атанасов објаснувајќи го проектот кој од почетокот на идната година ќе го реализира Агенцијата за храна и ветеринарство.

ФАО ќе работи со МЗШВ и АХВ на подигнување на свеста за болеста меѓу сите учесници во синџирот – ветеринари, шумарски служби, свињарски фарми, фармери и ловџии за откривање, спречување и контрола на Африканска свинска чума во фармите и во природата. Атанасов објасни дека ќе се работи на развивање на планови за спречување на појава, надзор и спречување на ширење на болеста.

ФАО обезбедува поддршка за седум земји, вклучително и за Македонија, за зајакнување фитосанитарните системи. Проектот има за цел зајакнување на капацитетите на Националните организации за заштита на растенија за подобро справување со опасноста од штетници во земјоделското производство и во екосистемите, особено во однос на националната и меѓународната трговија со растенија и производи од растително потекло, олеснување на економски развој и борбата против сиромаштијата, притоа зголемувајќи ја безбедноста на храната во земјите.

Намалување на загубите и отпадот од храна е уште една област во која ФАО ќе даде поддршка на четири земји од Југоисточна Европа, вклучително и Македонија. Во рамки на регионалната иницијатива на ФАО – SAVE FOOD, ќе се работи на креирање на национални стратегии за намалување на загубите и отпадот од храна, во согласност со специфичните потреби на земјите, постојните национални стратегии за развој на земјоделството, безбедноста на храната и ублажување на климатските промени.

Одржливо управување со рибните ресурси, кои се од витално значење за малите речни и езерски заедници во Македонија, Албанија и Црна Гора, е главна цел на четвртиот проект кој ќе се реализира со поддршка на ФАО. Проектот ќе му помогне на Министерството за земјоделство, рибарските заедници и општините во одржување на еколошка одржливост на рибните стопанства во земјава, преку обезбедување на соодветна методологија за собирање на податоци и развој на планови за управување со водните текови, кои го зголемуваат производниот потенцијал и социо – економската вредност на рибните ресурси во земјата.