Со пригодна државна програма утре се чествува државниот празник 2 Август – Ден на Републиката и Илинден
Граѓаните на Република Северна Македонија утре ќе го празнуваат 2 Август – Денот на Републиката. Ден со кој на Илинден во 1903 година – со Илинденското востание и Крушевската Република, а потоа и на вториот Илинден, во 1944 година со АСНОМ – Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија, беа столбовите на Републиката и на државноста.
Годинешното одбележување на најголемиот државен празник се совпаѓа со значајните годишнини: 30 години од независноста и 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Одбележувањето на празникот ќе започне со настаните во Скопје, во организација на Собранието на Република Северна Македонија со почеток во 09:00 часот.
Собраниската делегација, која ќе ја предводи претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери ќе положи цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев.
Програмата во Скопје потоа продолжува со обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери и со празнична културно-уметничка програма.
Владината делегација во Скопје ја предводи министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со министерката за образование и наука, Мила Царовска и заменик-министерот за правда Агим Нухиу.
Државната празнична програма продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија – АСНОМ со почеток во 09:45 часот.
Делегацијата ќе ја предводи претседателот на Влада на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Програмските содржини во Пелинце започнуваат со положување на свежо цвеќе на споменикот пред Меморијалниот центар, по што ќе започне првиот дел од пригодната празнична културно-уметничка програма.
Потоа следува обраќање на претседателот Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и завршниот дел од културно-уметничката програма.
Државните почести по повод Денот на Републиката во Крушево, во организација на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски започнуваат со панихида во храм Св.Никола, во 10:20 часот, по што ќе следува полагање на свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, празнична програма пред споменичниот комплекс Македониум и полагање на свежо цвеќе на споменикот на хероите на Слива.
Владината делегација во овој дел од програмата ја сочинуваат министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, министерот за локална самоуправа, Горан Милески, и заменик-министерот за образование и наука, Арафат Шабани.
Централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август – Денот на Републиката ќе започне во 18:00 часот на Мечкин Камен со поздрав на илинденската коњаница проследена со костимирана придружба, поздрав на Армијата на Република Северна Македонија и со полагање на цвеќе и венци на споменикот на Мечкин Камен, по што ќе следува празничната културно-уметничка програма посветена на двата Илиндена.
Владината делегација за централниот дел од настанот ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, придружуван од првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Програмата за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа и традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општина Демир Хисар.
Програмските содржини во Смилево почнуваат со положување цвеќе на могилата Даме Груев, споменикот на Смилевските илинденци и спомен плочата на Смилевскиот партизански одред во 09:00 часот, по што следува посета на Меморијалниот музеј и положување цвеќе на споменикот на Даме Груев.
Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија во Смилево ја предводи заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска.