Средба на претседателот Пендаровски со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Борел
Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Жозеп Борел, високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија.
На средбата се разговараше за актуелните состојби поврзани со европските аспирации на Република Северна Македонија, за реформскиот напредок во клучните области, како и за политичките состојби во земјава и во регионот.
Претседателот Пендаровски и високиот претставник Борел разменија мислења и информации за текот на пристапните преговори на Република Северна Македонија и скрининг процесот, и го поздравија одржувањето на денешниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација.
Двајцата соговорници на средбата разговараа и за состојбите и перспективите на земјите во регионот на Западен Балкан, како и за дијалогот Белград – Приштина во пресрет на утрешните преговори меѓу двете страни во Охрид.
Изјава на претседателот Стево Пендаровски:
Би сакал да му посакам добредојде на господинот Борел. Денеска на средбата со него разговаравме за неколку важни прашања од домашната политика, и се разбира, за неколку отворени прашања во регионален контекст.
Во однос на домашните случувања и домашната политичка динамика, разговаравме за процесот на скрининг кој се одвива веќе неколку месеци. Формално, господинот Борел денеска е тука за состанок на Советот за стабилизација и асоцијација што се случува по првпат во Скопје, што е уште еден знак или потврда дека процесот на наше приближување кон Европската Унија се одвива со задоволително темпо во оваа фаза, иако станува збор пред сè за техничка фаза и за скенирање на состојбите во виталните области, сепак проценките од Брисел се дека нашите одговори во однос на сите поставени прашања и дилеми во оваа фаза се на висококвалитетно ниво, што не би требало да изненадува со оглед дека ние се подготвувавме за преговорите седумнаесет години, и сме еден од најдобро подготвените кандидати за преговори со Европската Унија.
На средбата потрошивме доста време од нашиот состанок на тема поврзана со утрешните преговори помеѓу Белград и Приштина во Охрид, бидејќи станува збор за исклучително важно регионално прашање кое долги години стои на целокупната западно-балканска агенда и чиешто решавање може само да помогне за побрзо приближување на целиот регион, не само на страните кои се инволвирани, кон евроатлантските асоцијации.
За нас е исклучително значајно тоа што оваа важна работна сесија од преговорите се одвива во нашата земја, поточно во Охрид, бидејќи тоа и господинот Борел го спомена, можеби и ќе го повтори, тоа е знак дека Република Северна Македонија направи тешки компромиси во меѓувреме, покажа нетипично балканско однесување и изминативе години функционира како вистинска мултиетничка демократија, што е реткост и во пошироки рамки. Ова го доживуваме како признание за постигнатото во изминатиот период и се разбира како поттик на домашните политички сили да продолжат со реформите, со европските реформи, за што е можно побрзо да станеме полноправна и формална членка на Европската Унија.
Благодарам.
Изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Борел:
Ви благодарам претседателе.
Ви благодарам, претседателе, што денеска бевте домаќин на мене и на мојот тим. Имавме многу важна и корисна дискусија. Разговаравме за пристапниот процес на Северна Македонија, но секако, не само за тоа. Разговаравме за состојбите во поширокиот балкански регион. Регион кој има стратешко значење за Европската Унија.
Имав можност да го информирам претседателот за резултатите од денешниот Совет за стабилизација и асоцијација, кој, како што рече претседателот, е прв во оваа земја.
Ја ценам Вашата улога, господине претседател, Вашата силна улога и јасна поддршка за реформите потребни за приближување на Северна Македонија кон членството во Европската Унија. Оваа реформа треба да се договори и спроведе за доброто на Северна Македонија. Не само на европскиот пат, туку со цел да се изгради пожива демократија и попросперитетна економија.
Ја ценам Вашата улога, господине претседател, и во регионалните прашања и Вашиот придонес за регионалната соработка и стабилност на Западен Балкан. Бидејќи добрососедството, добрите односи меѓу соседите и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување. Ако земјите од Западен Балкан сакаат да станат членки на Европската унија, тоа е добро, а меѓу нив треба да имате добри односи и добра регионална соработка.
Во тој контекст, разговаравме за следниот состанок на високо ниво во рамките на дијалогот Белград-Приштина, кој имам чест да го координирам, а ќе се одржи утре во Охрид.
Исто така сакам да Ви се заблагодарам, сакам да и се заблагодарам на Северна Македонија, што го обезбедивте местото за оваа важна средба, како и за Вашата севкупна поддршка за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Се надевам дека прекрасниот пејсаж на Охрид ќе создаде убава атмосфера, неопходна за постигнување договор.
Дозволете ми, претседателе, да кажам каде сме и каде сакаме да одиме.
Пред три недели во Брисел премиерот Курти и претседателот Вучиќ се договорија за предлогот на Европската унија, предлог поднесен од страна на Европската Унија, со силна поддршка на Франција, Германија, Италија и САД. Тие се согласија дека овој предлог ќе биде патот за нормализирање на односите меѓу нив. Исто така, се договорија дека наскоро повторно ќе се сретнеме за да го финализираме анексот за имплементација. Договорот е добар. Начинот на кој ќе се спроведе е подобар. Оваа средба за која се договоривме ќе се одржи утре во Охрид за да се дефинираат практичните чекори што треба да се следат. Во конкретна временска рамка, што треба да се направи? Кога и како? Затоа што имаме искуство со договори кои никогаш не биле спроведени. А додадената вредност на овој договор е тоа што мора да биде спроведен, а ние мора да се договориме кога и како да се спроведе истиот.
Од последниот состанок во Брисел, тоа е шатл-дипломатија на високо ниво. Нашиот специјален претставник Мирослав Лајчак интензивно патува во Белград и Приштина. Двете страни дадоа коментари за анексот за имплементација за кои се разговараме утре. Ќе излеземе со консолидирана верзија на анексот врз основа на овие повратни информации и потоа се надевам дека Косово и Србија ќе можат да се договорат за конечниот резултат од оваа дискусија. Анексот за имплементација ќе биде составен дел на договорот, со цел да биде јасно за сите како ќе ги спроведеме сите одредби кои ги содржат.
Ако успееме да го направиме тоа господине претседател, ќе ги поставиме односиет меѓу Косово и Србија на одржлив, долгорочен колосек насочен кон иднината, надминувајќи го постојаното кризно управување кое што бевме во изминатиот месец. Тоа ќе има јасно позитивно влијание на европскиот пат на Косово и Србија и ќе ја зголеми стабилноста на регионот. Се надевам дека ќе креираме нова динамика и нов моментум за проширувањето, што исто така би требало да биде корисно за сите во регионот.
Одам за Охрид со надеж дека ќе се соочам со уникатна можност за Косово и Србија да се придвижат напред и да постигнат напредок, да ги нормализираат нивните односи.
Господине претседател, во Ваше присуство, сакам да истакнам дека оваа можност треба да се искористи затоа што никој нема да има повеќе корист од тоа отколку луѓето од Србија и Косово, бидејќи никој нема корист од неопходните реформи за да биде дел од Европската унија како државјани на земјите кои денес се кандидати. Има можности кои не треба да се изгубат.
Во понеделник ќе ги брифирам министрите, министрите за надворешни работи на нивната средба. Во четврток и петок ќе бидат информирани лидерите на Европската унија.
И денес очите на Европската Унија и на луѓето од Западен Балкан се насочени кон Охрид. Да се надеваме дека ќе биде успешна.
На крајот, господине претседател, ако ми дозволите. Сакам само да дадам коментар за една вест што ја дознав пред неколку минути.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на претседателот Путин за воени злосторства, за депортација и трансфер на деца од окупираните области на Украина во Русија. Меѓународниот кривичен суд наведува дека постојат разумни основи да се верува дека Путин сноси индивидуална одговорност за овие злосторства. Тежината на злосторствата и изјавата на МКС говорат сами за себе. Ова е важна одлука на меѓународната правда и за народот на Украина.
Ние секогаш јасно стававме до знаење во Европската Унија дека одговорните за незаконската агресија врз Украина мора да бидат изведени пред лицето на правдата. И ова прашање на Меѓународниот кривичен суд е само почеток во процесот на одговорност, за барање одговорност од Русија и нејзиниот лидер за злосторствата и злоделата што ги вршат во Украина.
Господине претседателе, Европската унија ја цени и поддржува работата на Меѓународниот кривичен суд и неговата истрага. Не може да има неказнивост.