26/11/2024
Македонија

Тевдовски: СБ набргу ќе одобри 420 милиони долари за инфраструктурни проекти и вложување во човечки капитал

Бордот на директори на Светска банка набргу ќе ја усвои Рамката за партнерство 2019-2023 со која на Република Северна Македонија ѝ се ставаат на располагање 420 милиони долари. Тие се наменети за проекти во областа на инфраструктурата, подобрување на климата за стопанисување и инвестирање во човечкиот капитал. Ова го истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски по средбата со директорката на Светска банка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер, во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка. 

„Ние очекуваме дека следниот месец, Светска банка на својот Борд ќе ја одобри стратегијата за соработка со нашата земја, со Северна Македонија за следниот период, каде што ќе бидат обезбедени 420 милиони долари со коишто ќе се финансира изградба на локални патишта, но и на различни начини ќе се вложува во подобрување на човечкиот капитал во нашата земја. Со тоа ќе се обезбеди подобрување на животниот стандард на граѓаните на Северна Македонија“, рече Тевдовски.

Во рамки на овие проекти спаѓа Проектот за олеснување на трговија и транспорт за Западен Балкан во вредност од 26 милиони. Исто така, тука е проектот за изградба и рехабилитација на локални патишта во вредност од 70 милиони евра. Стратегијата го опфаќа и проектот за реформи во земјоделието за развивање на дистрибутивни откупни центри, како и проекти за поддршка на реформи за развој на образованието и здравството и проектот за пензиска реформа.

Во рамки на Пролетните средби, делегацијата предводена од министерот за финансии, Драган Тевдовски и гувернерската на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска ќе оствари повеќе средби со високи претставници на Светска банка, ММФ, ЕИБ и други финансиски институции.