26/11/2024
Македонија

„Тенка е линијата“ – Кампања за подигнување на безбедноста на железничките премини

„Тенка е линијата“ е мотото на кампањата за подигнување на безбедноста на железничките премини што денеска ја промовираа Министерството за транспорт и врски,  Секретаријатот на Транспортната заедница и Железница на Република Северна Македонија-Инфраструктура во соработка со Министерството за внатрешни работи. 

Кампањата има за цел да се подигне свеста кај сите учесници во сообраќајот за почитување на поставената патна и железничка сигнализација со цел минимизирање на сообраќајните несреќи. 

“Едукацијата и подигнување на свеста за безбеден сообраќај е тема на која континуирано работиме за да ја подигнеме на високо ниво меѓу сите целни групи во сообраќајот. Република Северна Македонија има изградено 595 километри пруга со вкупно 240 патни премини како потенцијални фактори за настанување на сообраќајни несреќи. Иако трендот на незгоди на железничките премини е во намалување, оваа Кампања има за цел да ја подигнеме свеста кај сите од нас, да продолжиме со заедничката активност,  институционална и образовна, за да ги заштитиме децата, возрасните и сите учесници во сообраќајот”,  истакна министерот Бочварски.  

“Дури 59 проценти од сите несреќи на патните премини во Западен Блакан резултираат со смртни последици или тешки поврeди. Оваа ситуација бара наша итна реакција и среќен сум што гледам ентузијазам за подигнување на безбедноста”, истакна Матеј Закоњшек- директор на Секретаријатот на Транспортната заедница

Министерот Оливер Спасовски потенцираше дека во соработка со Железница на Република Северна Македонија работат на подобрување на безбедносните сообраќајни стандарди. 

“Министерството за внатрешни работи во континуитет гради механизими  и инструменти за подигнување на безбедноста во сообраќајот. Од тука МВР со сообраќајните и другите свои полициски служби со својата професионланост се става на располагање и на оваа превентивна кампања”, се обрати министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. 

Директорот на Железница, Хари Локвенец во своето обраќање истакна дека во соработка со општините започната е реконструкција на патните премини, проект кој ќе продолжи и оваа година заради подигнување на безбедноста и намалување на бројот на сообраќајни незгоди особено во населените места.