30/11/2024
Македонија

Традиционален новогодишен брифинг со медиумите: Криминалитетот е намален, довербата на граѓаните во полицијата значително расте

Криминалитетот е намален, довербата на граѓаните во полицијата значително расте, рече министерот Оливер Спасовски на традиционалниот новогодишен брифинг со новинарите кој денеска го организираше Министерството за внатрешни работи. Реформските процеси за јакнење на капацитетите на институцијата и интегритетот на полициските службеници, кои беа обележје на 2018 и 2019 година, резултираа со постигнување на позитивни резултати и успешно справување со сите предизвици од доменот на безбедноста и справувањето со криминалот. Безбедносната состојба беше стабилна, а координацијата и соработката на службите на сите нивоа, како и добрата превенција, меѓуинституционална и меѓународна соработка овозможија намалување на делата од класичен криминал, намалување на тешките кражби и разбојништвата, особено значајни резултати во борбата против недозволената трговија со дрога, зголемен број на откриени кримучарени мигранти, намален број на сообраќајни незгоди со потешки последици и намален број на жртви.

На средбата со новинарите беше промовиран и вториот број на списанието „Безбедност“, а беше потпишан и Протоколот меѓу Здружението на новинарите на Македонија и Министерството за внатрешни работи за меѓусебните односи меѓу полициските службеници и медиумските работници.

Во продолжение обраќањето на министерот Спасовски…

Почитувани

Во изминативе две и пол години, тргнувајќи од премисата дека нужното менување или реформирање на Министерството за внатрешни работи мора да биде втемелено на реални проценки, потенцијали и можности, успеавме да воспоставиме системски континуитет на делување којшто колку што ја задоволуваше бараната динамика на активности, во иста мера беше фокусиран на неопходните фундаментални проблеми чие што елиминирање беше примарно за натамошното функционирање на полицијата, на безбедносниот сегмент како еден од столбовите врз кои што почива нормалното егзистирање на општеството во целина.

На стратешко ниво реформата на безбедносниот систем не беше прашање на избор туку прашање на опстанок, силно изразена волја на сите општествени чинители, на јавноста, на граѓаните, конечно да се воспостават норми и концпет кој што ќе бидат и гаранција за заштита на човековите права и слободи, но истовремено силна брана против секаквите тенденции на корумпирање на безбедноста и против нејзино ставање во функција на злоупотребата и незаконитото работење.  Ние тој чекор го направивме без ни малку колебливост, цврсто одлучни да ги етаблираме принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста како еден од круцијалните фактори за просперитет на државата.

Примарно, реформата на разузнавачките служби, односно воспоставувањето на новата Агенција за национална безбедност како самостоен, но законски строго регулиран дел од безбедносниот систем, наместо доскорешната Управа за безбедност и контраразузнавање при МВР која што практично престана да постои, како и воспоставување на новиот систем за следење на комуникациите преку конструирањето на новата Оперативно техничка агенција наедно произлегуваат како нужност од едно од клучните преговарачки поглавја на ЕУ – Поглавјето 24. Исполнувањето на високите стандарди кои ги има Европската Унија во овие области налагаа да се спроведат тие тектонски промени во нашата држава, но со задоволство може да се констатира дека овие процеси се одвиваа транспарентно и со инклузивност на сите релевантни субјекти со што се воспоставија темелите на натамошната надградба на целокупниот безбедноснен систем. Верификацијата од Европската Комисија не изостана и таа гласи дека : Република Северна Македонија ги исполни сите барања за отпочнување на процесот на пристапните преговори.

Наедно на она, така да се каже – оперативно рамниште – свесни за прилично незавидните материјално-технички и други прилики во коишто беа затекнати институциите задолжени за безбедноста, пред се во тој контекст на – полицијата, односно Министерството за внатрешни работи, решивме без желба за практикување на пропагандистичкото распространување во делувањето, да одиме дел по дел во надминувањето на постојните и создавање нови претпоставки и услови за нормално функционирање на полицискиот систем, особено во поглед на крупните законски измени донесени во сферата на безбедноста. Оти зошто ни се закони ако тие не можат во стварност да се применуваат.

Се посветивме примарно на генералното подобрување на материјално техничките услови за работа токму на оние од кои што зависи спроведувањето на законите – а тоа е полицијата.

Инвестиравме, за тој реалтивно кус период, средства од буџетот на министерството, во висина од над 100 милиони денари во материјално обезбедување на униформираните полициски службеници од сите организациони единици, со нова опрема која после повеќе години сега беше целосно обновена. Со завршувањето на постапките за набавка на уште 24.000 пара зимски, летни и полувисоки обувки, потоа на чизми како и теренски униформи и посебна опрема за Единицата за брзо распоредување и Посебните единици за поддршка, што деновиве ќе бидат финиширани, практично целосно го заокружуваме тој наш проект давајќи јасно до знаење дека на секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење. И дека интегритетот, опременоста, статусот на полицискиот службеник се императив без кој што е невозможно спроведување на каква било системска реформа во тој домен.        

Имено, дополнително на претходно изнесеното, започнувајќи од 01.01.2019 година успеавме да издејствуваме во Буџетот на МВР дополнителни парични средства за исплата на зголемување на плата во износ од 80.000.000 денари на годишно ниво за 4.821 униформирани вработени, притоа овозможувајќи издвојување на работните позиции помлад полицаец, полицаец и виш полицаец од останатите вработени, што е значајно за Министерството имајќи предвид дека вакво зголемување за основната компонента полицаец се остварува за првпат од 1991 година наваму.

Како надополнување на претходното, а во насока на севкупно подобрување на професионалните услови за работа преку правнило и планско користење на буџетот на министерството, за овие две и пол години беа санирани, односно делумно или целосно реконструирани 43 објекти на министерството во сите сектори за внатрешни работи, за што беа издвоени речиси 140 милиони денари. Се разбира, како што ви соопштивме минатата недела, круна на ове активности од делот на полициско-безбедносната инфраструктура се изградбата на Центарот за санирање од катастрофи и обезбедување на континуитет во работењето во Прилеп каде што покрај средствата обезбедени од ЕУ, нашето министерство учествуваше со свои средства во висина од над 14 милиони денари, како и започнувањето на градбата на новите современи форензички лаборатории. Исто така во моментов веќе се во тек градежни работи за реконструкција на ПО Арачиново, на просторите на Интервентна единица и на Хеликоптерската единица.

Напоредно со ваквите активности ние не ги занемаривме потребите од техничко одржување и осовременување на работата на разните организациони единици при министерството, и успеавме, што особено радува, сервисирајќи ги редовно сите тековни обврски да ги намалиме старите наследени долгови по разни основи.

Секако како резултат на таквите наши активности тоа имаше свои позитивни ефекти во секојдневното функционирање на министерството, за што впрочем најдобро сведочи неодамна јавно презентираниот извештај на Мисијата на ОБСЕ во нашата земја насловен како “Истражување на демократското полициско работење на полицијата“, во кој што резултатите јасно укажуваат дека во јавноста меѓу граѓаните, но и во редовите на полицијата нашите активности наидуваат на позитивен прием и дека сме на вистинскиот пат за воспоставување на професионална и стручна полициска служба која што примарно ќе биде реален сервис на граѓаните. Бројките се недвосмислени дека довербата на граѓаните во полицијата расте.

Се разбира иако мислењата, впечатоците и конкретните ефекти од се што досега беше превземено се позитивни, тоа за нас не е доволно. Ние можеме, но и мораме да ги засилиме уште поинтензивно напорите во насока на подинамично реформирање на министерството и негово целосно сообразување со стандардите и нормите на современите и квалитетни европски и светски полициски практики. Дотолку повеќе што сега веќе имаме  изградени објективни предуслови за таквите очекувања. Впрочем секогаш транспарентно и одговорно се трудевме се што правиме да биде мерливо и проверливо пред сите наши граѓани. Затоа со право веруваме дека во наредниот период, продолжувајќи во континуитет со силна мотивираност да ги градиме севкупните капацитети на оваа наша институција, можеме да претендираме на уште подобри резултати во работењето на сите организациони единици на министерството.