30/11/2024
Македонија

Управувачки комитет за координација и управување во системот за управување со кризи: Сите институции се подготвени во случај на нови врнежи од снег

Вчера, во просториите на Центарот за управување со кризи, се одржа 10-та седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи со кој претседава министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. На седницата беше анализирана состојбата со врнежите од снег, ниските временски температури и отсечени/завеани населени места во Република Македонија.

Членовите на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, секој во својот делокруг на надлежност, ги презентираа информациите со кои располагаат во однос на состојбата, со акцент на најкритичните точки кои имаат итна и неопходна потреба за теренска интервенција и констатираа дека службите на сите надлежни институции навремено, одговорно и професионално имаат пристапено при справување со состојбата поврзана со снежното време.

Согласно најавите од страна на УХМР за нови снежни врнежи во наредниот период, a со цел уште поголема ефикасност во справувањето, Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи донесе неколку заклучоци:

  • Сите граѓани на Република Македонија коишто сметаат дека се загрозени, како и сите граѓани коишто имаат сознанија дека други граѓани може да бидат загрозени од снежното време и ниските временски температури, да се јават на бесплатниот телефонски број 195 во Центарот за управување со кризи, со цел нивно понатамошно навремено доставување на информациите и податоците до сите надлежни институции;
  • Да се активира Главниот штаб, истиот да биде во континуирано заседание и да се следат тековно состојбите предизвикани од снежното време и ниските временски температури во Република Македонија;
  • Главниот штаб имајќи ги предвид временските прилики, како и расположливата опрема (материјално – технички средства, механизација и слично), во соработка со сите надлежни институции (Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата на Република Македонија) во текот на денешниот ден да направи прецизна процена на состојбите на терен, план за постапување и идентификација на итни потреби согласно теренската состојба, како и потреба и локации за доставување на хуманитарна помош, храна и лекови.
  • Полициските сили на Министерството за внатрешни работи и припадниците на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија да бидат подготвени за итни интервенции доколку е потребно;
  • Министерството за внатрешни работи, во соработка со ЈП „Македонија пат“ да го зголемат бројот на дежурни служби и сообраќајни контроли и патроли, особено на повисоките места, кои ќе ги предупредуваат возачите за задолжително поседување на зимска опрема, но и медицинска кутија за прва помош, а по потреба ќе информираат и за забрани за движење и пренасочување на тешки товарни возила;
  • Сите институции да бидат во постојана комуникација и координација, во функција на навремено преземање на превентивни мерки и активности и притоа сите информации и активности што се поврзани од снежното време и ниските временски температури во Република Македонија, навремено да бидат доставувани до Центарот за управување со кризи, со цел нивно понатамошно дистрибуирање и навремено постапување;
  • Возилата и механизацијата на ЈП „Македонија пат“ да бидат во постојан и континуиран ангажман, со цел одржување на возната состојба на патиштата и нормална проодност на истите;
  • Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Црвениот крст на Република Македонија, веднаш да ги преземе сите потребни активности за навремено и превентивно згрижување на сите бездомни лица, не само од територијата на Град Скопје, туку од целата територија на Република Македонија, како и навремено доставување на неопходни лекови или други медицински средства и слични неопходни потреби;
  • Министерството за здравство, во текот на денешниот ден, во сите служби за итна медицинска помош низ Република Македонија да подготви план за постапување, да определи број на екипи и протокол за функционирање и постапување во услови на постоење на снежно време и ниски временски температури во Република Македонија;
  • Министерството за здравство, во соработка со Агенцијата за лекови веднаш да направат анализа/проценка за евентуална потреба од достава на лекови до граѓаните кои имаат потреба од достава на лекови, а особено да се направи проценка преку системот на Управата за електронско здравство за тоа на кои лица кои примаат хронична терапија ќе им биде потребно достава на лекови, согласно подрачјето на живеење, особено во повисоките места;
  • Министерството за здравство веднаш да достави наредба до сите ургентни центри во Република Македонија, со цел нивна целосна подготвеност и мобилност (со материјал, опрема и кадар) во случај на зголемена потреба од давање на здравствени услуги за време на снежното време и ниските временски температури во Република Македонија;
  • Сите градоначалници веднаш да ги стават во користење сите расположливи ресурси (материјално – технички, кадровски, опрема, механизација и слично), а доколку имаат потреба од дополнителна помош од технички ресурси, во случај да не можат да се справат со снежното време преку своите расположливи ресурси/или при нивно целосно исцрпување, во тој случај да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување;
  • Сите градоначалници веднаш да ги мобилизираат кризните штабови во нивните општини и во нив да ги вклучат локалните претставници од Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи.

На седницата присуствуваа и членовите на Управувачкиот комитет, заменик на претседателот на Владата и министер за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за здравство, Венко Филипче, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорот на Центарот за управување со кризи и раководител на Групата за процена, Агрон Буџаку.

Покрај членовите, на седницата беа присутни и Андреј Жерновски, заменик на министерот за надворешни работи, Аднан Џафероски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Гајур Кадриу, директор на ЈП „Македонија пат – Скопје“, Зоран Велков од ЈП за државни патишта, претставници од Генералштабот на Армијата на Република Македонија, како и претставници од Центарот за управување со кризи и од Министерството за одбрана.