29/11/2024
Македонија

Усвоени предлозите на Комисијата за заразни болести за враќање на работа на хронично болните

Нa седница Владата на Република Северна Македонија ги усвои предлозите на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и тоа:

  • Вработените лица кои се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести да се вратат на своите работни места и редовно извршување на работните задачи. Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на егзацербација (влошување) и за оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на која потврда овие лица ќе користат боледување.
  • Бремените жени да продолжат да ги користат мерките донесени од страна на Владата.

Исто така, Владата ги усвои предлозите во Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот КОВИД-19 да се додадат два нови става во насока:

  • Медицинска потврда со негативен резултат од PCR SARS-CoV-2 тест за деца, да се приложува кога детето има над 10 години,
  • Државјаните на Република Косово, кои влегуваат на територија на Република Северна Македонија од копнен граничен премин од Република Косово задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од RT PCR SARS-CiV-2 тест, направен 72 часа пред влез на територија на Република Северна Македонија и во случај на транзитирање низ државата.

Во рамки на својата трета седница Владата одлучи да ја предложи измената и дополнувањето на Законот за судски такси, со која максималната судска такса за физичките лица се намалува за седум пати.

Досегашната максимална висина на таксата за физички лица беше 48.000 денари, а со предложените измени, висината на таксата за физички лица се  ограничува најмногу до 6.000 денари. Намалувањето на висината на судската такса е во насока на олеснување на пристапот до правда на граѓаните.

На денешната седница, членовите на Владата го разгледаа и усвоија збирниот Извештај за настанатите штети од елементарни непогоди кои ги зафатија општините Македонски Брод и Ресен задолжувајќи го Министерството за финансии да подготви Одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година за парична помош во висина од 30 проценти од износот на проценетата штета на Општина Ресен.

Владата го усвои предлогот од Комисијата дека штетите во Општина Македонски Брод не се од поголем обем.

Владата укажува, надлежните во Општина Ресен во рок од 30 дена од добивање на средствата да изготват и достават Извештај за распределба на средствата до Владата и до Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата од елементарни непогоди.

Владата денеска повторно го разгледа и усвои Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, кој ќе биде испратен до Собранието на РСМ на усвојување.

Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација усогласен со сите ЕУ директиви и меѓународни стандарди, кој беше усвоен од страна на Собранието на Република Северна Македонија во мај 2019 година. Со Одлука на Уставниот суд од мај 2020 година беше укинат во  согласност со член 75 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанската комисија, од Обединетите нации, од Европската Унија и од ОБСЕ-ОДИХР, кои оценуваат дека Република Северна Македонија, со ова ново законско решение, прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го  законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди за човекови права. Со законот се уредуваат превенцијата и  забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација, постапките за заштита од дискриминација како и  составот и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Владата го разгледа и одобри и Предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за автокампови и Законот за скијалишта, заради потребата да се изврши усогласување со Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоците.  

На денешната седница беше разгледана и усвоена Информацијата за ревидиран  Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2020 година. Активните програми за вработување и услугите на пазарот на трудот имаат за цел да ја зголемат вработливоста на невработените лица преку различен вид на програми и мерки  со обезбедување на поддршка за креирање на нови работни места, обуки, работно ангажирање, како и обезбедување на услуги на невработените лица. Согласно Информацијата, на предлог на Агенцијата за вработување планираниот опфат за субвенционирање на плати се зголемува на 1.974 лица, наместо планираните 1.624, односно наместо 361,288,000,00 за оваа мерка ќе зголемат средствата на 441,088,000,00 денари. Дополнителните средства ќе бидат обезбедени од нереализираните средства од останатите мерки кои беа донесени за намалување на невработеноста. Според Информацијата поднесена од Министерството за труд и социјална политика од ИПА Акциската програма за 2020 година, сектор Конкурентност, иновации, земјоделство и рурален развој, се предлагаат две активни мерки, за самовработување (претприемништво) и формализација на постојни бизниси во услови на КОВИД-19, со која  се овозможува отворање вкупно 700 самовработувања, како и поддршка на микро, мали и средни претпријатија погодени со КОВИД-19 и финансиска поддршка за секое новоотворено работно место.

Владата на денешната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за отпочнување со реализација на проектот „Изградба на насипна брана со придружни објекти „Отиња“, општина Штип“ и даде согласност за преземање на обврски во програмите опфатени со развојниот дел од Буџетот, со буџетски средства од Министерството за транспорт и врски во вкупна вредност од 460 милиони денари со ДДВ, за период до 2023 година.

Исто така, владините претставници ја разгледаа и усвоија и Информацијата во врска со назначувањето на националниот оператор на пазар на електрична енергија „МЕМО ДООЕЛ“ – Скопје за оператор на организираниот пазар на електрична енергија и на предлог на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија  ја донесе Одлуката за назначување на операторот на пазарот на електрична енергија за оператор на организираниот пазар на електрична енергија