29/11/2024
Македонија

Усвоени се измените на Законот за финансиска поддршка на инвестиции кои носат бенефиции за компаниите

Собранието на Република Северна Македонија ги усвои измените на Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Се работи на измени  и дополнувања со кои ќе се релаксираат условите за аплицирање, ќе се влијае на рамномерниот регионален развој, но и ќе се забрзаат процедурите за исплата на средства.

Измените вклучуваат промена во условите за доделување на финансиска поддршка на компании кои инвестирале во услови на КОВИД со преодна одредба со важност во 2021 година за дозволен пад на приходи до најмногу 15% во 2020 година за склучување на нови договори, а дополнително условите за приходи од работење и вработени нема да важат при поднесување на барање за исплата.

Направена е промена и во опфатот на компании кои ќе можат да склучат договор преку доуредување на условите, односно олабавување на правилата во делот на носители на лиценци, производители на акцизни стоки, вршители на дејност од јавен интерес, наменско производство, итн.

Во новиот ЗФПИ направено е и допрецизирање и поедноставување на дел од мерките и критериумите во мерките, согласно направената анализа на искористеност како и прецизирање на условите за инвестиции од дијаспората и зголемување на процентот на финансиска поддршка од 10% на 15%.

Важна измена во новиот закон е и регулирањето на рамномерниот регионален развој, па така компаниите кои ќе реализираат инвестициски проекти во помалку развиените плански региони ќе добиваат дополнителна финансиска поддршка. Дополнителната помош ќе се пресметува како процентуална разлика помеѓу регионот со највисока вредност на БДП по глава на жител и вредноста на БДП по глава на жител на регионот во кој се реализира инвестицијата.

Од 2022 година, воведуваме и принцип на исплата во две транши  (прва транша во висина од 50% од одобрената помош и втора во согласност со буџетските средства и правилото на сразмерност) со цел подобрување на ликвидноста на компаниите.

Компаниите кои имаат веќе склучено договори за поддршка со Владата, имаат можност до 16 август 2021 година, да аплицираат за усогласување на договорите со новите измени и дополнувања на Законот. Компаниите кои веќе имаат реализирано инвестиции во 2020 година и сакаат да склучат договор за финансиска помош, потребно е да поднесат барање до Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот или до Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони исто така до 16 август, за да осигураат дека државната поддршка ќе им биде исплатена до крајот на 2021 година.

Планот за економски раст донесен во 2017 година, има за цел да одговори на барањата на домашните компании за да се овозможи транспарентна поддршка, со еднакви можности за сите компании, независно од сопственоста на капиталот или големината на компанијата.

Планот за економски раст е операционализиран преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Среднорочната програма за поддршка на микро, мали и средни компании на ФИТР. Една од придобивките на Планот за економски раст е што ги стимулира домашните компании да размислуваат на среден, па и на долг рок, да имаат стратешки пристап кон развојот, а со Законот им се обезбедува сигурност дека државата ќе стои покрај нив и ќе ги поддржува нивните инвестициски зафати.

Како резултат на тоа, преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции потпишани се договори за финансиска поддршка со 245 субјекти. Поддршката исплатена во овие три години изнесува околу 20 милиони евра, а компаниите во своите бизнис планови за петгодишен циклус презентираа инвестиции од 411 милиони евра, од кои досега веќе инвестирале околу 150 милиони евра.