30/11/2024
Македонија

Усвоен пакетот закони за селекција и управување со отпадот според ЕУ стандарди; Одобрен Акцискиот план за Преспанското Езеро со првични средства во износ од 44.000.000 денари

Владата на Република Северна Македонија на денешната 32 седница ги утврди текстовите на предлог законите за управување со отпадот, на законот за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад, на законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, на предлог законот за управување со дополнителни текови на отпад во системот за проширена одговорност на производителите, на предлог законот за управување со пакување и отпад од пакување, како и на предлог законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.

Сите овие предлози за закони се во согласност со регулативата на ЕУ за управување со отпадот и со нив комплетно ќе се имплементираат принципите на циркуларна економија во управувањето со отпадот.

Суштинските придобивки од законските решенија што се донесуваат, од кои некои од нив за прв пат во нашата земја, меѓу другото се:

– Зајакнување на обврските за производителите и колективните постапувачи, како и општините за да се обезбеди потребното селектирање на отпадот;
– Воведување хиерархија во постапувањето со отпадот, утврдување на статус на секундарните суровини и укинување на статусот на отпад за производите кои можат да се реискористат, рециклираат и преработат за да не завршуваат на депонииите;
– Воведување финансиска одговорност за производителите на пакување, батерии и акумулатори, електричен и електронски отпад, како и сосема нови текови на отпад со искористени возила, отпадни масла, отпадни гуми и текстил;
– Предвидена е забрана за пластични ќеси, еколошки дизајн на пакувањата и можности за кауција и стимулација на повратна амбалажа.

Од овие законски решенија кои ќе бидат доставени на усвојување во Собранието, одговорноста за целиот циклус на отпадот од производство до рециклажа е на производителот, а граѓаните ќе бидат задолжени да вршат селекцијата на отпадот, додека општините заедно со колективните постапувачи ќе имаат јасни обврски да им ги овозможат сите неопходни услови за селекција на отпадот на сите граѓани.

Заеднички заклучок од седницата на Владата, по презентацијата на Нацрт – концепцијата за основно образование во Република Северна Македонија, е да се спроведе исцрпна јавна расправа со активно учество на Министерството за образование и наука и на Бирото за развој на образованието, и низ максимално инклузивен процес на сите засегнати страни да се дојде до најдобри решенија и висока согласност за најавениот концепт за основно образование, како и да се појаснат некои од прашањата што ги имаат граѓаните, наставниците, родителите и учениците за најавената нова концепција за образование.

Презентацијата јасно покажа дека со предлогот за наставен предмет општествени науки не се укинува наставниот предмет историја, туку содржините од него се предвидува да станат задолжителен дел од новата наставна програма, како и дека новиот концепт не предвидува намалување на бројот на наставниците по историја, географија и граѓанско образование, туку продолжуваат заеднички да ја планираат наставата, со цел учениците да добијат најдобро можно знаење на најефикасен начин.

На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои информацијата со анализа и акцискиот план за Преспанското Езеро, подготвена од Експертската работна група за Преспанско Eзеро.
Владата ги задолжи надлежните институции утврдени во Акцискиот план за Преспанско Eзеро, да обезбедат финансиски средства за реализација на мерките на Акцискиот план за Преспанското Езеро, и во таа насока донесе Одлука за одобрување првични средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година во износ од 44.000.000 денари на општина Ресен, за решавање на проблемот со состојбата на Преспанското Eзеро.

Ваква Одлука за одобрување на средства во висина од 30.000.000 денари од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година донесе и за општина Дојран за решавање на проблемот со состојбата на Дојранското Eзеро.

На предлог на Министерството за здравство, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за  вакцинацијата против КОВИД-19, и ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Царинската управа и Министерството за здравство во рок од 7 (седум) работни дена да изготват и достават до Министерството за здравство сопствени акциски планови (активност, надлежна внатрешна организациона единица, овластено лице/овластени лица, рокови) и стандардни оперативни процедури (СОП) за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против КОВИД-19, согласно нивната надлежност и нивната улога во спроведувањето на Националниот план за вакцинација против КОВИД-19.

Во врска со оваа информација Владата му препорачува на ТАВ Македонија ДООЕЛ Скопје во рок од 7 (седум) работни дена да изготви и достави до Министерството за здравство сопствен акциски план (активност, надлежна внатрешна организациона единица, овластено лице/овластени лица, рокови) и стандардни оперативни процедури (СОП) за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против КОВИД-19.

Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки, во соработка со Министерството за здравство, во рок од најдоцна 5 (пет) дена треба да изготват Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки со што ќе се овозможи плаќање на аванс поголем од 20% од цената и ослободување од обврската за обезбедување банкарска гаранција за авансно плаќање во постапките за јавни набавки директно поврзани со справувањето со епидемии и пандемии на заразни болести.

На оваа своја седница Владата ја дополни одлуката за спречување на ширењето на КОВИД-19 со обврска за секој патник од Велика Британија и Северна Ирска што влегува во земјата на било кој граничен премин задолжителниот карантин во домашна изолација да ги спроведува врз основа на изјава која ќе ја пополнува на граничниот премин при влез во земјата, а патниците што транзитираат имаат обврска земјата да ја напуштат во рок 24 часа.

На денешната седница Владата донесе заклучок да ги прифати предлозите на Министерството за одбрана и на Министерството за труд и социјална помош за исплата на еднократна парична награда на медицинските работници од Министерството за одбрана кои што се вклучени во лекувањето на болните од КОВИД-19, како и на вработените од Специјалниот Завод за лица со попреченост во Демир Капија кои во грижата за штитениците во заводот неколку недели беа вон своите домови.

На денешната седница Владата ја измени и дополни одлуката за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година во висина од 26.868.500,00 денари на јавни комунални претпријатија кои се членки на Здружението на комунални дејности при Стопанската Комора на Македонија за поддршка на нивното работење како еднократна финансиска помош со цел надминување на тешката материјална состојба на вработените во претпријатијата во рамките на владината КОВИД програма.

Владата донесе Одлука за давање согласност на Програмата на Министерството за култура за изградба на нови објекти и за реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата за 2020 година.

Со измените на програмата се предвидува продолжување на реализацијата за изградба на новите објекти – театри, во Тетово, Струмица и Велес, се планира почеток со обезбедување на проектна документација за реконструкција на објектот театарот во Куманово и обезбедување проектно техничка документација за технички преглед на реконструкцијата на НУ Албански театар.
На денешната седница на Владата, претставници на Државната комисија за спречување на корупцијата го презентираа Практичното упатство за правилата за ад-хок откривање управување со случаи на судир на интереси, како обврска на нашата држава од петтиот круг на евалуацијата на ГРЕКО.

Целта на ова Упатство, како водич со препораки за вршителите на јавните функции и на антикорупционерите е да помогне во откривање и управување со судирот на интереси за лицата кои вршат највисоки извршни функции.

На оваа седница Владата даде согласност за преземање на обврски за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во наредните години на Државната комисија за спречување на корупцијата, за набавка за изработка на Регистар на избрани и именувани лица, електронско доставување на изјава за имотна состојба и интереси, нивно објавување, систем за прибирање на податоци од други институции, нивна обработка, како и модул за менаџирање со документи и за одржување на целокупниот систем.