Царовска на состанок со МЛАДИ-МОН: Унапредување студентскиот и ученичкиот стандард е наш врвен приоритет
Министерката за образование и наука Мила Царовска денес одржа онлајн состанок со работната група МЛАДИ-МОН на кој се дискутираше за повеќе актуелни прашања во врска со унапредувањето на младинските политики во делот на образованието кои се врвен приоритет на министерството.
Главни теми на дискусија беа потребата од измените во системот на стипендирање на студентите, нешто на што МОН веќе работи, како и за начините и можностите за ученичкото организирање, можноста за реализација на општо-корисна работа, како и за воспоставување на служби за бесплатна психолошка помош на високообразовните установи.
Министерката Царовска истакна дека младите се клучен партнер во овие процеси и сите промени се прават низ консултации и иницијативи со младите.
„Секогаш постои простор за подобрување и добра е идејата новите предлози кои ќе се изработат заедно со студентите, да влезат во новиот Закон за младински стандард. Како министерство за првпат овозможивме целосно електронско аплицирање за стипендии, а работиме и на навремено месечно исплаќање на стипендиите“, рече Царовска.
Министерката истакна дека Министерството за образование и наука целосно ја поддржува идејата за ученичко организирање и истото веќе е уредено во Законот за основно образование.
БРО веќе извесно време работи на оваа тематика и во јануари 2020 изготвен е Водич за ученичко учество, ученичко организирање и заштита на детските права во основните училишта. Ваков документ треба да биде развиен и за средното образование со поддршка и консултација со средношколците.
Во работната група МОН-млади учествуваат претставници на младинските организации, Универзитетско студентско собрание и Сојузот на средношколци