23/11/2024
Македонија

Царовска: Со новиот закон обезбедуваме учебници во аудио-формат и со Брајово писмо, децата со атипичен развој имаат право на квалитетно образование

Правото на образование е основно човеково и уставно загарантирано право на секој поединец и тоа мора да му биде овозможено. За актуелната Влада и МОН оваа цел е врвен приоритет и ние сме максимално насочени кон обезбедување на целосно инклузивно образование.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на онлајн средбата со здруженијата на родители на деца со атипичен развој која денес беше организирана со цел да се слушнат размислувањата во однос на образовниот систем и неговата инклузивност, како и во однос на искуствата, предизвиците, проблемите, но и да се предложат можни решенија од страна на родителите за подобрување на образовниот процес во тој дел.

Осврнувајќи се на новото законско решение за изработка и употреба на учебници, Царовска истакна дека за да бидат учебниците и другите наставни и дидактички материјали достапни за учениците со попреченост, нивната електронска форма треба да ги задоволи стандардите за е-пристапност.
„Во новиот Закон за учебници обрнуваме посебно внимание на пристапноста и достапноста на наставниот материјал. За учениците во основното образование учебниците задолжително ќе се поставуваат и во аудио формат на интернет платформата, додека за учениците со оштетен вид, Министерството за образование и наука ќе обезбедува учебници испечатени со Брајово писмо. Исто така, со поддршка на УНДП во тек е подготовка на читач за екрани на македонски и албански јазик, кој треба да биде готов до септември 2021 година“, посочи Царовска.

Советникот во МОН задолжен за следење и унапредување на процесот на инклузија, Душан Томшиќ истакна дека министерството за првпат системски ја воведува услугата образовна асистенција како еден од предусловите за обезбедување на инклузивно образование. Образовната асистенција ќе се испорачува согласно Законот за основно образование, ќе се финансира од Буџетот на РСМ, односно преку Буџетот на МОН за 2021 година, за што се обезбедени финансиски средства во висина од 59 милиони денари.

Информираше и дека во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во месец мај започнуваат обуките на кадарот во посебните училишта, односно тренинг за тренери за образовни асистенти, кои понатаму треба да ја спроведат обуката на образовните асистенти кои ќе бидат селектирани. Во наредниот период ќе се одржат и обуки за наставниците во чии паралелки ќе бидат вклучени овие ученици.
На состанокот беше посочено и дека согласно новиот Закон за основно образование, специјалните училишта, односно училиштата во кои се воспитуваат и образуваат ученици со попреченост добиваат и дополнителна дејност, односно се трансформираат во Ресурсни центри со што ќе се овозможи мобилност на веќе постоечкиот искусен кадар да дава поддршка на инклузираните ученици како и на инклузивните тимови во редовните училишта.

Оваа година исто така, обезбедувањето на пристапноста е задолжителен услов кој треба да се исполни за добивање на финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН. Дополнително на ова, во тек е реализација на Проект за непречен пристап во 14 образовни институции низ државата – 6 основни училишта, 4 средни и 4 факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – EU for inclusion за кој е подготвена техничката документација (проекти за адаптација) и очекуваме градежните активности да започнат во јуни/јули 2021.

Родителите на децата со атипичен развој искажаа задоволство од новиот пристап на Министерството кон потребите на нивните деца, како темелна промена кон подобра инклузија во образовниот систем.