23/11/2024
Македонија

Честитка од претседателот Пендаровски по повод муслиманскиот празник Курбан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија.

Почитуван реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаху,

Ми претставува особено задоволство и голема чест, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија, да ви упатам најсрдечни честитки по повод празникот Курбан бајрам.

Посакувајќи многу здравје, радост и бериќет, дозволете да споделам две согледувања за улогата на овој значаен празник.

Пред се, Курбан бајрам е празник на солидарноста и негувањето на добрите навики на милосрдието, дарежливоста и човечноста кон ранливите кои имаат насушна потреба од поткрепа. Важноста на празникот најмногу доаѓа до израз токму во периоди на економски предизвици со кои се соочува нашата држава и поголемиот дел од светот. Истовремено, Курбан бајрам е нераздвоен дел од вековниот соживот во македонското мултирелигиско и мултиетничко општество. Празничните денови се можност за продлабочување на взаемното почитување преку запознавање со традициите на различните од нас.

Уверен сум дека солидарноста кон ранливите и соживотот на различните во овие празнични денови, но и преку целата година, ќе ни помогнат сплотени да ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваме на личен и колективен план. Во духот на таа сплотеност, да ја градиме Република Северна Македонија како наш единствен заеднички дом.

Ви упатувам најискрени желби за добро здравје, радост и благосостојба.

Честит Курбан бaјрам.

Стево Пендаровски