26/11/2024
Македонија

Честитка по повод празникот Успение на Пресвета Богородица од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

До: Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Стефан

Ваше Блаженство,

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Синодот и на сите православни верници, од мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ, да Ви го честитам големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица и да ја изразам мојата желба за многу среќа, радост и мир во душите на сите христијански верници.

Денешниот празник е сведоштво за мајчинската љубов, верата во Христа, и пожртвуваноста која е исполнета со добри дела и хуманост кон човештвото. Правејќи добри дела, создаваме и оставаме зад себе трајни вредности и секој еден на тој начин придонесува со свој личен пример за развојот на нашата земја и создавање на подобра иднина.

Верувањето во Христа, пожртвуваноста на мајката Богородица не учи дека добрите дела кон ближните, кон знајните и незнајните нема да останат незабележани, и тие се траен влог во изградбата на една личност.

Нашиот народ децении и векови наназад покажал искрена верба во Христа, споделување на заедничките христијански вредности, кои се општи, универзални и човечки.

Нека денешниот ден биде сведок и пример дека со искрена волја, чисто срце и верба можни се големи работи. Нам ни треба земја каде напредокот и среќата на нејзините граѓани ќе бидат во самите приоритети, земја каде ќе се работи на намалување на растечката сиромаштија, ќе се помага на гладните, а болните ќе ја добијат од системот на државата потребната грижа и услуга.

Денес нашата држава се соочува со бројни предизвици, а иселувањето на младите е еден од нив. Нивното раселување значи изгубена и уништена иднина, затворени куќи, напуштени родни огништа. Треба сите заедно да придонесеме да создадеме подобра иднина, подобри услови за живот и само така ќе бидеме од полза на нашата земја и општество. На нашата земја и е потребна и сплотеност и обединетост, за да се постигне ова, треба да се стави крај на политичката одмазда и политички прогонуваните случаи. Македонија мора да започне да оди напред и да ги користи сите свои потенцијали, затоа што само така Македонија ќе победи!

Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица!

Со почит,

Христијан Мицкоски,

Претседател на ВМРО-ДПМНЕ