27/11/2024
Македонија

Азир Алиу на Генералната Конференција на УНЕСКО: Дигитализацијата е наш приоритет, да се зајакне меѓународната соработка

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу престојува во службена посета во Париз, Франција, каде што учествуваше на 42. сесија на Генералната Конференција на УНЕСКО, на која се разговараше за основните предизвици коишто доаѓаат со дигитализацијата во глобален контекст.

„Користењето на технологијата и вештачката интелигенција за унапредување на науката и иновациите е голем чекор кон заеднички екосистем. Со обезбедување рамноправен пристап до технологијата и промовирање на етичка и одговорна употреба, УНЕСКО може да помогне во создавањето на средина каде нациите ќе можат да соработуваат за да имаат корист од технологијата на начини кои служат за одржлив развој”, изјави министерот Алиу.

Министерот Алиу во своето излагање рече дека само преку меѓународна соработка, создавање мерки и развој на политики кои ќе ги поттикнат иновациите и инвестициите во дигиталната област можеме да имаме решенија за глобалните предизвици:

„Само преку дигитален, сеопфатен екосистем, јасни стратегии и широка соработка од различни чинители можеме да обезбедиме одговорна и иновативна употреба на технологијата согласно општествените потреби и вредности. УНЕСКО може да помогне во создавањето на сигурна платформа која сите нации можат да ја користат за да ги постигнат своите цели за развој и социјален  напредок”, заклучи министерот на МИОА.