22/11/2024
Македонија

Анализа за искористеност на финансиската поддршка за месеците февруари и март 2021 година

На денешната прес-конференција, директорката на Управата за јавни приходи ја информираше јавноста за искористеноста на мерката Финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март 2021 година како и за неисплатените плати од страна на компаниите кои ја добиле оваа финансиска поддршка, а истата не ја исплатиле на работниците.

За февруари на 11.694 работодавачи е исплатено  851.157.045,00 денари за 53.348 вработени, а за март на 11.197 работодавачи  исплатено е 808.322.501,00 денари за 50.876 вработени.

Од овие работодавачи рече Лукаревска, 181 работодавачи за некој од месеците февруари и март не исплатиле плата на своите вработени, од кои 157 работодавачи не исплатиле плата за еден месец, а 24 работодавачи не исплатиле плата за двата месеци. Не се исплатени вкупно 753 месечни плати. Одобрената, а неисплатена финансиска поддршка е во износ од 2.738.715,00 денари за месец февруари и 9.333.193,00 денари за месец март, или во вкупен износ од 12.071.908,00 денари, оваа состојба е заклучно со 31.05.2021 година.

Работодавачите се од дејностите: 61 од дејноста Подготовка на оброци и служење на храна примиле финансиска помош во износ од 2.984.871,00 денари и не исплатиле плата на 198 вработени, 33 од дејноста трговија на мало, кои примиле финансиска помош во износ од 1.359.389,00 денари и не исплатиле плата на 87 вработени, 24 работодавачи се од дејноста копнен транспорт кои примиле финансиска помош во износ од 1.163.608,00 денари и не исплатиле плата на 77 вработени. Тука влегуваат и дејностите: Специјализирани градежни дејности, Други услужни дејности, Трговија на големо и мало со моторни возила и моторцикли и поправка на моторни возила и моторцикли и Правни и сметководствени дејности. По региони најмногу обврзници што не исплатиле плата се од: Скопје – 71 обврзници, Тетово – 53 обврзници и Битола со 27 обврзници.

На работодавачите кои користеле финансиска поддршка, а не извршиле исплата на плата доставени се опомени за неисплатена плата, а по истекот на рокот за плаќање по опомена се започнува постапка на присилна наплата на долгот по МПИН пресметката. Согласно Законот во ваков случај се предвидува изрекување на глоба за сторен прекршок во износ од 500 до 10.000 евра во денарска противвредност во зависност од големината на правното лице.

По однос на компаниите кои не ја исплатија платата за месеците април, мај и јуни 2020 година, како и октомври, ноември и декември 2020 година, директорката Лукаревска истакна дека е спроведена  присилна наплата заради неисплатена плата. Платата сеуште не исплатиле 117 работодавачи, од кои 94 немаат исплатено плата само за еден месец, 18 работодавачи немаат исплатено плата за два месеци и 5 работодавачи немаат исплатено плата за три месеци. Неисплатените плати се однесуваат за 356 вработени, а за истите е одобрена финансиска помош во вкупен износ од 5.084.663,00 денари.

Согласно законските одредби предвидена е глоба доколку работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати за вработениот не исплатил плата најмалку до износот на примената финансиска поддршка. УЈП изготви записници за сторен прекршок и прекршочни платни налози за правното лице и за одговорното лице кај правното лице за вкупно 35 даночни обврзници, и тоа: 12 од РД Скопје, 3 од РД Битола, 7 од РД Прилеп, 1 од РД Струмица, 8 од РД Тетово и 4 од РД Штип. За даночните обврзници кои не ја прифатија постапката за порамнување, поднесени се барања за поведување на прекршочна постапка до надлежен суд.

Директорката истакна дека листата на компании кои примиле износ на финансиска поддршка за месеците февруари и март, а не ја исплатиле платата на работниците, ќе се достави до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, за јавна и транспарентна објава на неплаќачите.