23/11/2024
Македонија

Ангеловска: Подготвени сме за најлошото сценарио за буџетот, работиме да се случи најдоброто

Министерката за финансии, Нина Ангеловска денеска одржа прес-конференција на која информираше за буџетот.

Обраќањето на министерката за финансии, Нина Ангеловска, ви го пренесуваме во целост:

Транспарентноста во јавните финансии не познава добри и лоши времиња. Тука всушност уште повеќе се гледа и дали некоја Влада води отворени финансии или не. Како што известувавме за буџетот во добри времиња – јавно и транспарентно информираме и во време кога се соочуваме со една од најголемите здравствени кризи која се прелева во економскиот сектор. 

Изминатите неколку дена се поставуваше прашањето, како тоа се зборува за помала наплата на приходи и обезбедување на ликвидност на буџетот, ако претходно се давале изјави дека буџетот е ликвиден и е во добра кондиција, дека имаме добра наплата на давачките. Со цел да се информира точно јавноста, мора да истакнам дека буџетот е план за наплата на приходи и согласно тоа исплата на расходи. 

Реализацијата на буџетот годинава започна добро. Економската активност бележеше раст и првите два месеци имавме одлична реализација согласно проекциите, како што и транспарентно и отворено ја информиравме јавноста. Важно е да се истакне дека буџетот или државната каса не е „куп пари” кои ги имаме на почеток на годината, па се распределуваат, туку буџетот е проекција за како ќе се полни државната каса (приходите) и соодветно како ќе се трошат собраните средства (расходите). Ликвидноста на буџетот метафорично може да ја споредиме со проток на вода во една цевка – првите два месеци млазот беше силен, со силен интензитет се полнеше државната каса, а согласно тоа се извршуваа и планираните расходи. Оттука, првите два месеци ликвидноста беше одлична, како и на почетокот на месец март.

Наплатата на вкупните приходи во јануари беше за 4,6% и февруари за 4% беше за повисока во однос на минатата година, од кои во јануари порастот на даноците и придонесите е 10.7%, додека во февруари 6.1%. Овие резултати беа во рамки на проекциите за овие месеци. Позитивните движења продолжија во првата половина од март.

Преземањето на мерките за заштита од ширење на Covid-19 и ставајќи го здравјето на граѓаните на прво место, делуваше на намалување на економската активност, што очекувано почна да се рефлектира на полнењето на буџетската каса. 

Почнувајќи од 20 март, односно кога почнуваат да се чувствуваат ефектите од здравствените мерки преземени за спречување на ширење на корона вирусот, се забележува остар пад на даночните приходи од околу 25% на дневно. Ова доведе до пад на вкупните даночни приходи за месец март за 11% во однос на претходната година. Ова се должи на: 

–       Пад на наплата на ДДВ за месец март за 17%;

–       Пад на акцизата за 11%;

–       Пад на данокот на добивка за 11% и тоа со предвреме уплатена аконтација од општествено одговорни компании во контекст на помош за коронакризата.

Во изминатиот период во Министерството за финансии се изработуваа повеќе сценарија за исходи од коронакризата, односно како истата би влијаела на остварувањата на приходите во буџетот во 2020 година.

Многу е тешко за економските аналитичари, вклучително и за меѓународните финансиски институции, да ги предвидат случувањата. Ова се должи на самиот карактер на кризата, затоа и нашите сценарија постојано се обновуваат, па така од секое сценарио имаме повеќе верзии.

Во главно, имаме 3 основни сценарија: поволно, неповолно и најнеповолно. Кај сите сценарија најголемиот пад на даноците се очекува во вториот квартал од 40% до 65% во однос на претходната година, додека претпоставките за третиот и четвртиот квартал се разликуваат согласно кога би започнал периодот на економско заздравување и стабилизација. 

Колкава ќе биде таканаречената „дупка” (деновиве исто така многу зборувана во јавноста) во буџетот односно за колку ќе се зголемат потребите за финансирање зависи од тоа кое од овие сценарија ќе биде реалност.

Дупката односно дефицитот е разликата помеѓу приходите и расходите. Проектираните приходи за 2020 се 3.6 милијарди евра, додека расходите 3.9 милијарди евра. Согласно тоа проектираниот дефицит за годинава изнесуваше околу 300 милиони евра (283 поточни). Планот за финансирање беше креиран согласно така испроектираниот буџет со цел да сесервисира овој дефицит и да се отплатат старите долгови.

Сега колку ќе бидат поголеми потребите, односно колку ќе биде поголем дефицитот зависи од тоа колку ќе падне наплатата на приходите. 

Што се однесува до расходната страна и покрај предвидените зголемени потреби за здравствениот сектор, како и економските мерки кои ќе се преземаат со цел амортизирање на ударот врз економијата – сите сценарија предвидуваат речиси целосна реализација на расходната страна во износ, односно истата да остане 3.9 милијарди евра. НО Структурата на расходната страна ќе се промени значајно -со реалокации на буџетските ставки со цел дополнително обезбедување на здравствениот сектор пред се а потоа и реализација на економски мерки со цел намалување/амортизирање на ударот. Ќе има реалокации, пренаменети и кратења на непродуктивни расходи – за истото на денешната Владина седница ќе биде предложена информација.

Така:

Кај првото сценарио поволното – предвиден е пад од 20% на вкупната приходна страна на консолидиран буџет во однос на планот. Тоа би значело намалување на приходите за околу 700 милиони евра – односно тоа значи дека за исто толку би се зголемил дефицитот и потребите за финансирање.

Кај второто сценарио, неповолното падот на буџетските приходи би изнесувал околу 30% со што потребите би се зголемиле за околу 1 милијарда евра. 

И кај третото најнеповолното доколку приходите паднат 40%, дополнителните потреби би биле околу 1.3 милијарди евра. 

Важно е да сме подготвени и за најлошото сценарио, а секако да преземаме мерки и да повлекуваме соодветни чекори за да се случи најдоброто. Будното следење, агилноста и флексибилноста на владите се клучни за делување и справување со овој здравствено-економски шок.

За секое од овие сценарија подготвуваме и сценарија за финансирање. Непредвидливоста и ранливоста на пазарите на капитал носи голем предизвик и при креирање на овие сценарија. 

Како што информиравме во тек е постапка за обезбедување на средства од Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и инструментот премостување до обврзница. Постапките се во тек и се очекува до мај да ги обезбедиме овие средства. 

На крајот би сакала да истакнам – како ќе излеземе од коронакризата зависи од сите нас. Ако сите се однесуваме одговорно и дисциплинирано здравствената криза ќе заврши побрзо, а со тоа и здравствените мерки кои ја оспоруваат и запираат економската активност. 

Со двата пакета економски мерки имаме за цел да го амортизираме ударот врз стопанството, да ги заштитиме работните места, како и социјалната стабилност во земјава. Преку обезбедување на плата од 14.500 ден. за вработените во погодените компании, обезбедување на 50% од просечна плата за половина година од државата за оние кои останале без работа, како и надоместок од 7000 ден. за семејствата кои немаат приходи или се дел од неформалната економија се задржуваат работните места и социјалната стабилност. Со обезбедување на бескаматни средства и евтини кредити за фирмите се подобрува нивната ликвидност и ќе се настојува да се поттикне економската активност.

Како што се развива ситуацијата ќе се преземаат и нови мерки и активности, се со цел максимално да се амортизира ударот од коронакризата врз стопанството и граѓаните.