Анѓушев за извештајот од „Фич“: Меѓународните институции го оценуваат позитивно правецот на македонската економија
Во својот последен извештај, кредитната агенција „Фич“, го потврди кредитниот рејтинг „ББ“ на Република Македонија, со позитивен изглед. Во врска со ова заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, нагласи дека ова е потврда за преземените активности, реформите и за правилната насока во која се движи македонската економија.
„Оваа потврда од „Фич“ покажува дека меѓународните институции кои ги оценуваат состојбите во државата веруваат во позитивен исход и позитивен правец во кој се движи економијата во Република Македонија“, потенцира вицепремиерот.
Со оваа оцена, „Фич“ го потврди водењето на успешна фискална политика, истакнувајќи ги реформите во системот на јавните финансии како пензиската реформа, системот на јавни набавки и фискалното правило за општините.
Според овој извештај, напредокот во решавањето на проблемот со името со Грција, ќе го асфалтира патот на Македонија кон членство во НАТО и ќе го поддржи почетокот на формални преговори за членство во ЕУ, а констацијата е дека подобрената политичка стабилност влијаела за закрепнување на економската активност.
Во извештајот уште се оценува дека растот на БДП ќе забрза од 2,3% во 2018, на 3,2% во 2019 година и 3,6% во 2020 година. Подобрено е управувањето со јавните финансии преку програма усогласена со ЕУ, а „Фич“ уште нотира и дека државниот долг од 40,8% од БДП на крајот на 2018, според официјалните оценки е под медијаната на групата на слични други земји од 47%, додека гарантираниот долг изнесува 8,0% од БДП.