Бектеши: Ги повикувам граѓаните да пријават на бесплатниот телефонски број 191 во случај на неправилности со цените кај трговците
Министерот за економија, Крешник Бектеши ги повикува граѓаните на бесплатниот телефонски број 191 на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), да пријават во случај на драстично зголемени цени на основни прехранбени производи.
На оваа бесплатна телефонска линија сите граѓани можат да пријават неправилности кај трговците коишто не ја почитуваат Одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи.
Согласно Одлуката за определување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало којашто е објавена во Службен весник, започнувајќи од 06.12.2021 година се замрзнуваат цените кои се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало на:
леб;
шеќер;
брашно – тип 400;
сончогледово масло за јадење;
трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%;
свежо месо и сувомеснати производи;
сирење и урда
Оваа одлука ќе важи до 31 јануари 2022 година.