26/11/2024
Македонија

Бектеши: Забрана за извоз на одделни житарици и сончогледово масло за заштита на домашниот пазар и граѓаните

За одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки за заштита на домашниот пазар и граѓаните денеска информираше министерот за економија Крешник Бектеши, заедно со Трајан Димковски, државен советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во продолжение ви го пренесување обраќањето на министерот за економија Бектеши во целост:

„Сакам да Ве информирам дека на предлог на Министерството за економија и на барање на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата на седницата одржана вчера донесе одлука за ограничување на извозот на одделни стоки со цел се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните.

Согласно Одлуката од денеска 11 март, па до 20 март, односно во времетраење од 10 дена забранет е извоз на следните производи:

-пченица и наполица,
-јачмен,
-пченка,
-брашно од пченица и наполица,
-семе од сончоглед,
-масла од семе од сончоглед.

Имајќи ја во предвид инвазијата на Русија во Украина и реперкусиите кои што оваа ситуација ги има не само на европските, туку и на светските пазари можам да кажам дека сега живееме во една од најголемите светски економски кризи.

На секоја Влада приоритет и е да го заштити стандардот на граѓаните и да одржи економска стабилност.

Како резултат на очекувањата за настанување на сериозни пореметувања поради недостаток на стоки кои се неопходно потребни за производството, преработката и за животот и здравјето на граѓаните, Министерството за економија согласно Законот за трговија ѝ предложи на Владата да се изврши ограничување на извозот на одделни производи, што како што и претходно кажав е на барање на Министерството за земјоделство.

Владата ја носи оваа одлука за ограничување на извозот превентивно, за да не настанат поголеми нарушувања на пазарот поради одлуките за ограничување/забрана за извоз на останатите земји од регионот.

Целта на оваа мерка е заштита на домашниот пазар и на граѓаните во време на криза.

Во услови на пост-пандемија, кога се соочуваме со најголемата економска криза која што Европа и светот ја паметат во поново време, граѓаните треба да знаат дека Владата е целосно посветена на намалување на негативните последици од светските негативни економски текови.

Сакам да апелирам до сите чинители во економијата дека сега е вистинското време да покажеме разбирање и заеднички да придонесеме кон намалувањето на негативните последици од кризата.

Како што и претходно информиравме сакам уште еднаш да повторам и да им гарантирам на граѓаните дека државните стокови резерви се стабилни.

Северна Македонија има  доволна количина на залихи од пченица и пченка за покривање на домашните потреби.

Приватните млинови/компании во земјата располагаат со преку 50.000 тони залихи од пченица, преку 10.000 тони пченка и над 8.000 тони јачмен што се должи на растот на домашното производство на пченица од 195 илјади тони во 2017 година, на 253 илјади тони во 2021 година.

Доколку се појави потреба, државата е подготвена и за дополнување на стоковните резерви, но за тоа во моментов нема потреба. Граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации, да не се грижат.

Само пред 2 дена, на владина седница, усвоивме пакет од вкупно 26 мерки и препораки за заштита на животниот стандард на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите во вредност од речиси 400 милиони евра. Ваков обемен пакет за поддршка е показател за грижата на Владата и правилно поставената стратегија за насочување на сите ресурси кон заштитата на стандардот на граѓаните, но и поддршка на стопанството.

Дел од мерките се активни, а дел подготвени и доставени до Собранието и апелираме да се усвојат што поскоро во итна собраниска постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините  и другите нафтени деривати.“