23/11/2024
Македонија

Бектеши: Центарот за трансфер на технологии при УМТ очекувам да ја промовира Македонија како извор на иновативни решенија

Министерството за економија и Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје денеска потпишаa договор за кофинансирање  на проектот  технолошки парк во рамки на универзитетот. Кофинансирањето на технолошкиот парк на Универзитетот „Мајка Тереза“ е согласно мерката за финансиска поддршка за основање на нов технолошки парк во рамки на универзитетите во Македонија како дел од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво 2018 година, чија цел е да ги поттикне и финансиски да им помогне на универзитетите во државата да основаат технолошки паркови, кои треба да обезбедат поцелисходен  начин на дисеминација на знаења и трансфер на технологии, што ќе резултира со економија која ќе се базира на знаење. Овие технолошки паркови треба да им помогнат на постојните и етаблирани мали и средни претпријатија да достигнат повисоко и поконкуретно ниво во нивното работење.

Договорот, со кој ќе бидат кофинансирани 75% од потребните средства, но не повеќе од 1.500.000 денари, го потпишаа министерот за економија Крешник Бектеши и ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, проф. д-р Азис Положани. 

„Главна цел на технолошкиот парк е раст на економската моќ на земјата, преку унапредување на културата на иновации, конкурентноста на компаниите што имплементираат иновативни модели, услуги или производи, и академската заедница. Според светските искуства, ваквата институција го стимулира развојот и размената на научното знаење и технологија меѓу универзитетите, истражувачките институции, компаниите и пазарот. Затоа се вели дека технолошкиот парк претставува нов облик на претприемничка инфраструктура, во која се донесени во функционална врска: физичката инфраструктура – објектот, науката  – истражувачки и иновациони центри, лаборатории и новите деловни субјекти – нови мали претпријатија, како производни единици на поголемите претпријатија, финансиско сметководствен сервис и сл.Покрај ова поврзување со реалниот сектор и индустријата, според мене уште побитно е влијанието и унапредувањето на начинот на изведување на наставата и подготовката на студентите за вклучување во реалниот бизнис, нешто што во нашиот систем сѐ уште недостига“, истакна Бектеши. 

Право на учество на јавниот повик имаа сите универзитети регистрирани во Република Македонија кои во рамки на универзитетот имаат факултети од областа на техничките, технолошките и информатичките науки и располагаат со простор за технолошкиот парк од минимум 100 квадратни метри, а при оценувањето, најважен критериум беа изработениот бизнис план и просторот. По овој јавен повик пристигна само една апликација, и тоа од Универзитетот „Мајка Тереза“, која ги исполнуваше потребните  услови, со што ја добива финансиската поддршка за реализација на предвидениот  проект.

„Целите на Центарот за трансфер на технологии при УМТ се подобрување, зајакнување и стимулирање на трансферот на занења од академската средина кон постоечките и новите иновативни мали и средни претпријатија. Тоа ќе значи обезбедување на извонредно знаење во областите на ИКТ, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, валоризација на истражувачките резултати преку создавање на колаборативна платформа помеѓу научните работници, студентите и претприемачите заради надминување на јазот меѓу академската средина и индустријата, со што ќе зајакне потенцијалот за раст на регионалниот екосистем од постојните и новите високо-технолошко ориентирани мали и средни претпијатија“, рече ректорот на УМТ, проф.д-р Азис Положани.

По потпишувањето на договорот, присутните го посетија просторот на новиот Центар за трансфер на технологии во рамки на универзитетот, за кој министерот Бектеши изрази надеж дека ќе претставува нов и современ начин за промоција на Република Македонија како извор на иновативни решенија.

Од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво 2018 на Министерството за економија, со годинешен рекорден буџет од над 38 милиони денари, над 120 субјекти добија финансиска поддршка, со што дел од буџетските средства на државата се вратија во бизнисот.