Битиќи: Дигитализацијата e катализатор, поттикнува раст и нови можности за вработување
„Во овие економски турбулентни години, според Светска банка, дигиталната економија учествуваше со околу 15% во глобалниот Бруто домашен производ (БДП), додека очекувањата се дека овој процент во 2030 година ќе се зголеми на 30% од глобалниот БДП, притоа создавајќи околу 30 милиони работни места“, рече заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во неговото обраќање на годишната конференција на МАСИТ на тема „Градење мостови: кон нашата заедничка дигитална иднина“.
Во продолжение интегрално го проследуваме неговото обраќање:
„Со Дигитални решенија ги премостувавме и предизвиците во Корона кризата, каде пронајдовме извор на витална енергија за поголема отпорност и одржлив развој на економиите.
Во овие економски турбулентни години, според Светска банка дигиталната економија учествуваше со околу 15% во глобалниот БДП. Очекувањата се дека овој процент во 2030 година ќе се зголеми на 30% од глобалниот БДП, притоа создавајќи околу 30 милиони работни места.
Почитувани, ова не се футуристички желби или проекции, оваа скица на иднината на економијата, за нашата економија не е далечна, недофатлива. Денешната годишна конференција на МАСИТ, која се организира по 18-ти пат, зборува дека имаме информатичка индустрија која нашата економија дигитално ја созрева. Ова симболично полнолетство на оваа конференција, зборува дека имаме структурни капацитети придобивките од дигитализацијата да ги локализираме.
Ако во 2019 година имавме 2.198 компании од ИКТ секторот кои направиле нето извоз во вредност 210 милиони евра, притоа вработувајќи околу 15.000 граѓани на Северна Македонија и исплатувајќи месечна бруто плата од речиси 1.500 евра, минатата 2022 година овие бројки се зголемени. Имаме 2.846 компании, со речиси 20.000 вработени лица, кои имаат генерирано 467,86 милиони евра нето извоз, што е повеќе од двојно зголемување за четири години. Она што е можеби и најважно, вработените во овој сектор минатата година имале просечно бруто плата од 2.260 евра.
Почитувани,
Современите економски предизвици не го дозволуваат комодитетот на одржување на конзервативни позиции во поставувањето на рамките на идниот економски раст и развој, туку бараат антиципативно пресретнување на она што новото време го бара. Затоа преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, имплементиравме конкретна мерка за поддршка на нашето стопанство кон зајакнување на иновативноста преку истражување и развој. На самиот почеток од реализацијата на оваа мерка во 2018 година беше исплатена поддршка во висина од околу 6,8 милиони денари кон компаниите, за оваа година проекциите се дека овој износ ќе изнесува помеѓу 150 и 180 милиони денари.
А компаниите можат сите информации за Планот за економски раст, во кој спаѓа поддршката на компаниите кои тие ја добиваат по Законот за финансиска поддршка на инвестиции, како и условите за инвестирање во ТИР Зоните и повиците на Фондот за иновации, да ги добијат на едно место а тоа е кај првиот дигитален асистент во јавниот сектор во регионот, АДА. АДА, која патем е развиена од наша домашна старт ап компанија, Коуд вел, кој ги видов денеска на конференцијата, секогаш зборувам со гордост за нашите девојќи и момци со кои работевме. Тие ја развија вештачката интелигенција на која се базира АДА, која на транспарентен и ефективен начин нуди информации за сите заинтересирани да инвестираат во нашата земја и која државна поддршка можат да ја користат.
Планот е АДА да го проширува својот опфат на дигитализирани услуги кои ги нуди за нашите граѓани и да можеби во иднина биде препознаена како дигитален „point of contact“ за скоро сите јавни услуги на државата.
Дополнително на тоа, работиме и на Менаџмент информациски систем за државна помош кој не само што ќе ја дигитализира целата дата база од 11 институции кои во моментов доделуваат некаков вид на државна помош, туку поважно, ќе ја мери ефективноста од нејзиното искористување, така ќе знаеме дека јавните пари се искористени на правиот начин со висока додадена вредност.
Како Влада ја преземавме одговорност пред сегашните и идните генрации да ги препознаеме можностите кои долгорочно дигитализацијата ги создава пред националните економии. Затоа одлучивме да изработиме Национална развојна стратегија, која е во завршна фаза, а преку која се поставува 20 годишна консензуларна визија за развој на државата, во неа секако дигитализацијата е крос секторски вметната како алатка без која не можеме да постигнеме одржлив развој.
За крај, дигитализацијата не е цел, туку средство со кое можеме да направиме забрзани фундаментални промени кои го менуваат нашето секојдневие.
И додека одиме по овој пат, од клучно значење е да се внимава на неговите импликации и да сме високо одговорни за прашањата поврзани со приватноста, безбедноста и дигиталната праведност. Да сме сигурни дека дигитализацијата му служи секому и дека го развива општеството како целина“.