22/11/2024
Македонија

Бочварски: Потпишан договор за реконструкција на улицата Индустриска во Пехчево, до сега реконструирани се 94 локални улици и патишта низ целата држава

Остануваме посветени во давање поддршка на локалните самоуправи, реконструкцијата на локалните улици и патишта продолжува со силно темпо, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска оствари работна посета на општина Пехчево.

Во рамки на посетата, министерот Бочварски со градоначалникот на Пехчево, Китански, го потпишаа Договорот за реконструкција на улицата Индустриска.

Министерот Бочварски информираше дека општина Пехчево има на располагање околу 600 илјади евра преку Проектот за поврзување и рехабилитација локални улици и патишта и тие до сега имаат аплицирано за реконструкција на две улици.

„Денеска со градоначалникот го потпишавме меморандумот за имплементација на улицата Индустриска, постапката за избор на изведувач е завршена, тој е избран и веќе од понеделник започнуваат градежните активности. Инвестицијата е во висина од 13,5 милиони денари, тоа е сериозна инвестиција, сериозна поддршка за општина Пехчево која доаѓа од централната власт како грант средства, неповратни средства. Тоа го правиме со цел зголемен развој на локалните самоуправи и подобрување на условите за живот на граѓаните.“ – изјави министерот Бочварски.

По завршувањето на постапките ќе започне и процедура на реконструкција и на улицата Илинденска, која исто така е приоритет за општина Пехчево.

„Министерството за транспорт и врски продолжува со инвестициите во патната мрежа и како никогаш до сега дава поддршка на општините за реконструкција на локални патишта, но и преку програмата за изградба и реконструкција на комуналната инфраструктура. До овој момент имаме реконструирано или во фаза на реконструкција се 94 локални улици и патишта во 46 општини, што е сериозна поддршка од страна на централната власт.“ – заклучи министерот Бочварски.

„Заедно со министерот за транспорт и врски, Бочварски го потпишавме меморандумот за соработка за реконструкција на локални улици во Пехчево. Од другата недела започнуваат градежните работи на улица Индустриска, а во наредниот период ќе започнеме и со подготовка на документацијата за реконструкција и на улица Илинденска. Голема благодарност до Министерството за транспорт и врски, што ни излегоа во пресрет да можеме да ги реконструираме овие улици и да се прикажеме како едно развиено туристичко место со квалитетна инфраструктура.“ – изјави градоначалникот на општина Пехчево, Александар Китански.