22/11/2024
МакедонијаОхрид

Бочварски – Рустеми: Интензивно работиме на автопатот Кичево – Охрид со преку 360 машини и преку 720 работници

Имаме силен интензитет на работа на автопатот Кичево – Охрид, секојдневно работат преку 360 машини со преку 720 работници. Сите дополнителни работи се проектирани, дваесетина инфраструктурни проекти се завршени и дополнително е отворен фронт за нови работи. На две клучки на Арбиново и Издеглавје веќе интензивно се работи, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми извршија увид во изградба на автопатот Кичево – Охрид. 

Министерот Бочварски истакна дека експропријацијата на земјиштето на главата траса е завршена, конструкцијата на тунелот е исто така завршена, изградени се 3,5 километри потпорни ѕидови, а ископот на цела траса е завршен со 53 проценти. 

Во однос на прогрес на градежните работи, тој се движи од 63 проценти на вкупниот проект.

„Можам слободно да истакнам дека дваесет инфраструктурни проекти се готови што значи дека на нови дваесетина позиции може непрекинато да се работи што ни дава дополнителен стимул да го забрзаме темпото на изградба. До сега се асфалтирани 31 % од прв слој на асфалт од вкпуната траса, а завршени се дополнителните проекти за 9 –те клучки. Во меѓувреме се работи на алтернативните пристапни патишта, на ископите, на изградба на мостовите и вијадуктите, на тампонирање и останати земјени работи каде позициите тоа го дозволуваат.

Во однос на шпекулациите дека автопатот поскапел, би истакнал дека таквите информации не се точни. Цената е утврдена уште од 2018 година на 598 милиони евра и не станува збор за дополнително поскапување”, изјави министерот Благој Бочварски. 

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми истакна дека се работи со силен прогрес а сите дополнителни работи се завршени. 

„Се работи на земјени работи, поголем број на вијадукти, клучки, пристапни патишта, потпорни ѕидови, надпатници и подпатници и се друго што е предвидено согласно со проектот на изградба. Изведени се градежни работи во тунелот со две тунелски цевки во двата правци во вкупна должина од 4 км, кои ќе бидат опремени по најсовремени европски стандарди, изјави Ејуп Рустеми, директор на ЈП за државни патишта. 

На новинарско прашање кога ќе биде завршен автопатот, министерот Бочварски истакна дека во овој момент се преговара со Изведувачот за нов анекс на договорот со кој ќе се продолжи изградбата на автопатот, без дополнителни средства.