23/11/2024
Македонија

Ваучерскиот систем за поддршка стартува од 1 јануари со можност за дополнителни 6 милиони евра за развој на спортот

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, заедно со советниците за спорт на Претседателот на Владата, Ѓорги Тасев и Даниел Димевски и раководителот на сектор спорт во АМС, Томислав Андоновски, денеска во клуб на пратеници остварија работна средба со претставници на националните спортски федерации и спортски работници.

На средбата беа презентирани, се дискутираше и се прецизираа критериумите, постапката и условите за добивање на ваучери согласно новиот систем на финансирање, чиј крајни корисници ќе бидат националните спортски федерации, клубови, активни спортисти од олимписки, неолимписки и параолимписки спортови и други правни лица, кои имаат решение за вршење дејност спорт. Овој систем влегува во сила од јануари, 2019 година.

На средбата исто така се потенцираше и важноста од формирање на посебно тело во Агенцијата за млади и спорт чија главна обврска ќе биде работата со ваучерскиот систем, при што цел процес, како и досега, ќе се води низ транспарентен, партнерски и инклузивен пристап со сите спортски субјекти.

Преку овој систем, обврзникот кој донирал финансиски средства на спортски субјекти му се намалува пресметаниот данок на добивка за износот на донираните средства, но најмногу до 50% од пресметаниот данок.

Со ваучерскиот систем, директно во спортот се вбризгуваат нови 6 милиони евра, преку кои ќе се обезбеди развој, стимулација и финансиска моќ на спортските клубови.