26/11/2024
Македонија

(Видео) И јас и ти- сите сме пешаци, значително намален бројот на жртви на патиштата

  

Минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје продолжуваат со активностите со цел подигање на нивото на сообраќајна култура и на тој начин намалување на бројот на жртви во сообраќајот. Денеска во Гостивар беше организирана акција во склоп на кампањата „И јас и ти- сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“.

Претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска посочи дека целта на кампањата е да се подигне свеста за подобрување на сообраќајната култура на сите учесници во сообраќајот, а посебно на пешаците, но и на возачите кои треба да ги пропуштаат пешаците.

„Денес, во Гостивар, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата заедно со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност од Скопје продолжија со активности од кампањата за подобрување на безбедноста на пешаците, под мотото „И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“. На жителите на Гостивар им беше поделен едукативно-превентивен материјал со цел унапредување на безбедноста, пред се на пешаците, и низ разговори се даваа препораки за однесување и на пешаците и на возачите заради намалување на ризиците во сообраќајот и зголемување на безбедноста.Истовремено, во рамки на кампањата ,,Матуранти – млади возачи, почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот” беше упатен апел и до матурантите за време на нивната значајна вечер по можност да не користат автомобил, да не конзумираат алкохол и да бидат одговорни и совесни учесници во сообраќајот“, рече Кожуваровска

Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски посочи дека, за жал, оваа недела евидентираме неколку жртви во сообраќајот, од кои двајца се пешаци.

„Ова е и повеќе од доволен податок кој бара сите да бидеме максимално одговорни кон личната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Превентивните кампањи даваат резултат само доколку сите се однесуваме совесно во сообраќајот. Во недостаток на соодветен одговор од страна на учесниците во сообраќајот, репресивните мерки се неминовни за да се заштити животот и имотот на граѓаните. Да бидеме свесни за опасносите, да не ги потценуваме ризиците во сообраќајот. Да се грижиме за пешаците, да се грижиме за децата, да ја чуваме нашата иднина“, рече Дујовски.

Помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот. „ Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првите четири месеци од 2022 година има 26 жртви, што е за 14 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 40. Само во месец април 2022 година имаме четири жртви, а во април 2021 имало 12, значи бројката е дури три пати помала во април 2022“, сооопшти Ангеловски.

Ангеловски потенцира дека покрај превентивните акции, продолжуваат и засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата.