Висината на месечен додаток кај најангажираните службеници може да се зголеми до 30%, исплатите ќе следат после изборите исклучиво во рамки на постоечките буџети
Владата на Република Северна Македонија на 95-та седница одржана на 5 август 2021 година, донесе Уредба за начинот и критериумите врз основа на кои може да се исплати додаток на плата до максимум 30% од редовната плата за дел од вработените од централните институции на извршната власт.
Измените и дополнувањето на Законот за извршување на Буџетот за 2021 година стапија на сила на 5 август и затоа тогаш се донесе Уредбата. Законот беше влезен во собраниска процедура на 8 јуни, но беше изгласан на 28 јули 2021 година.
Согласно Уредбата, правото на додаток на плата до 30% од редовната плата можат да го остварат вработените заради специфичност на работите и работните задачи и зголемен обем на работа, како и постигнување на исклучителни резултати во служењето на јавниот интерес и ефикасното извршување на своите надлежности.
Додаток на плата можат да добијат најмногу 30% од вкупниот број вработени во институцијата, при што исплатата нема да биде за оние вработени кои имаат право на додаток на плата со посебен закон и/или колективен договор.
Наведуваме дека предметната Уредба нема да предизвика дополнителни фискални импликации, од причина што додатоците на плата за вработените ќе бидат утврдени согласно тековните буџетски можности. Со Измените и дополнувањата на Законот за извршување на Буџетот за 2021 година е регулирано дека додатокот на плата ќе се исплаќа доколку во Буџетот има обезбедено средства за оваа намена.
Исто така и во самата Уредба е наведено дека додатокот на плата може да се исплаќа и во помал износ од 30%, во зависност од обезбедените средства во буџетскиот корисник. Тоа значи дека исплатата на додатокот на плата и неговата висина е во зависност од фискалниот простор и слободните средства кои му стојат на располагање на буџетскиот корисник.
Владата на Република Северна Македонија високо ги цени работничките права и се води од тоа дека треба да има принцип на награди, доколку работникот извршил зголемен број на работни задачи по обем и квалитет. Исто како што има и принцип на казни доколку не се извршени работните задачи. Владата ги води економските политики комплементарно со поддршка на приватниот сектор, системско подигање на прагот на минимална плата од година во година и со фокус на работничките права.
Укажуваме дека до овој момент не е извршена никаква исплата согласно Уредбата, со оглед на тоа што се распишани локалните избори. Исплатата на додатокот на плата ќе се реализира по завршувањето на локалните избори кога и ќе се финализира кои лица ќе добијат додаток на плата.