26/11/2024
Македонија

Вицепремиерот Анѓушев: Инвестицијата на Прилепска Пиварница во вредност од 3,5 милиони евра ќе допринесе за развој на градежништвото и индустријата

Денес официјално започна со градба новиот дистрибутивен центар на Прилепска Пиварница во Идризово, инвестиција во висина од 3,5 милиони евра, во која се очекува да се вработат над 30 лица од различни профили и степен на образование.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, потенцираше дека Прилепска Пиварница е добар пример на домашна компанија, која со квалитетно управување и правилно инвестирање во изминатите 10 години успеа да изгради препознатлив бренд, да се позиционира на пазарот и да ги удвои приходите на компанијата.

„Новата инвестиција на компанијата, овој дистрибутивен центар ќе има позитивно влијание и на градежништвото и понатаму на индустриското производство, што значи дека има директен импакт на бруто домашниот производ на Македонија. Владата ги поддржува градежните проекти кои се исплатливи, каков што е и овој приватен проект на Прилепска Пиварница, а особено важно е што оваа инвестиција е во функција и на индустријата, односно ќе биде во функција на зголеменото производство и пласман на компанијата. Една куќа се гради камен по камен и оваа инвестиција е уште еден камен во изградбата на економијата на државата“, нагласи Анѓушев.

Општина Гази Баба важи за една од најиндустриските општини во Македонија, а така ќе остане и понатаму, кажа градоначалникот Борис Георгиевски.

„Нашата мисија е да создадеме бизнис амбиент и подеднакви услови за домашните и странските компании, за да можат своите инвестиции да ги реализираат во општина Гази Баба. Ќе работиме на подобрување на сите услови за работа на сите компании, за да Гази Баба биде најразвиената индустриска општина во земјата“, подвлече Георгиевски.

Претседателот на управниот одбор на Прилепска Пиварница, Кирил Самарџиоски, рече дека природно се наметнала потреба за проширување на дистрибутивниот простор во близина на Скопје и компанијата донела одлука за новата инвестиција.

„Парцелата на која се гради е со површина од 11.000 квадратни метри, додека самиот дистрибутивен центар ќе биде со површина над 5.000 метри квадратни. Ни велеа дека за добивање на потребната документација е потребна една година, сепак ја добивме градежната дозвола за околу 2 месеци, за што сум благодарен на градоначалникот“, додаде Самарџиоски.