Вицепремиерот Анѓушев и министерот Бектеши на Конференција за економија во Црна Гора
Владина делегација предводена од Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија м-р Крешник Бектеши, учествува на настаните во рамките на „Конференција за економија: Балканот и Европската Унија – Петогодишен циклус на Берлинскиот процес“, која денес и утре се организира во Црна Гора.
Вицепремиерот Анѓушев денес учествуваше на панелот „Економска и европска перспектива на Балканот“, на која дебатираше со претседателот на Владата на Црна Гора, Душко Марковиќ, со претседателот на Владата на Република Косово, Рамуш Харадинај и потпретседателот на Владата на Република Србија, д-р Расим Љајиќ.
Говорејќи за актуелната ситуација во Република Македонија, Анѓушев истакна дека започна да се пишува нова историја во земјата, која подразбира креирање на добрососедски политики и надминување на сите отворени прашања со соседните држави.
„Доколку воспоставиме подобра соработка помеѓу земјите во регионот, ќе соработуваме подобро и со Европската Унија. Во Македонија започна постапка за уставни измени, согласно договорот од Преспа, среќни сме што дел од опозиционите пратеници ја препознаа историската шанса за земјата и што е обезбедено мнозинство за започнување на уставни измени во Парламентот. Следува дебата за амандманите за уставните измени, а очекуваме до јануари да го заокружиме целиот процес, со уште поголемо мнозинство и силно да чекориме кон ЕУ и НАТО“, кажа вицепремиерот.
Европската Унија се формираше на економски основи, а нејзини основачи беа земји кои претходно војувале меѓу себе. Учејќи од овој пример, кога историјата била ставена во позадина поради заеднички интереси на земјите и нивните граѓани, земјите од Западен Балкан треба да се фокусираат на иднината и да работата на подобрување на благосостојбата на сопствените граѓани.
„Земјите од регионот треба да се фокусираат на зголемување на меѓусебната соработката, да ги ставиме национализмот и минатото позади нас, да се фокусираме на иднината, повеќе економски да соработуваме, да ги олесниме административните процедури. Ние сите градиме модерни и скапи патишта, но нема да направиме ништо ако го скратиме времето на активно патување доколку пак стоката седи на граници подолго отколку што патува. Земјите од регионот мора да си веруваат едни на други, малку поголема доверба и признавање на сертификати, како и исти олеснети процедури во сите земји во регионот. Доколку успееме да ја зголемиме меѓусебната соработка, тоа е сигнал за сите, па и песимистите во ЕУ, дека ние нема да ѝ тежиме на ЕУ, туку ќе придонесе до уште посилна Унија. Простор за соработка има во сите области, како индивидуални пазари сите ние сме помалку интересни, но како заеднички пазар сме многу поинтересни за Европската Унија“, нагласи Анѓушев.
Вицепремиерот дополни дека „Берлинскиот процес“, инициран од неколку земји членки на ЕУ, е корисен од политички и економски аспект. Преку оваа иницијатива земјите од регионот се поттикнати повеќе да разговараат меѓу себе, што е особено важно за економијата, бидејќи стопанствениците сакаат да видат дека Владите се посветени на обезбедување на стабилност и владеење на правото. Финансиската димензија пак, се обезбедува преку платформата за инвестиции во Западен Балкан, помага на земјите да вложуваат во исплатливи регионални инфраструктурни проекти, додаде Анѓушев.
„Европската Унија, но и нашите стопанственици и граѓани сакаат да видат посветеност од наша страна во насока на подигнување на меѓусебната соработка, да ја обезбедиме стабилноста и сигурноста на нашите земји. Преку Платформата за инвестиции за Западен Балкан, се обезбедува финансиска поддршка за реализација инфраструктурни проекти, со грантови до 20% од вредноста на проектот, со кои се зголемува исплатливоста на овие проекти и се обезбедува подобра поврзаност. Благодарни сме што ЕУ го помага овој процес и на политичко ниво, но и преку финансиска поддршка“, потенцираше Анѓушев.
Младите во регионот сакаат да живеат во стабилна земја и да не бидат секојдневно оптеретувани со политичките случувања. Потребна е и засилена поддршка на претприемништвото и поттикнување на претприемничкиот дух. Успешните земји почиваат на успехот на семејните компании, како пример вицепремиерот Анѓушев ја издвои Германија и додаде дека процесот на поттикнување на сопствените бизниси е релативно млад, мора да продолжи да се развива и да расте.
За време на дебатата, премиерот на Црна Гора Марковиќ се осврна на чекорите кон членство во ЕУ при што подвлече дека отворањето на поглавјата во процесот на преговори со ЕУ, не е технички, туку процес на суштински политички промени. Тој додаде дека за стабилноста на регионот е многу важно да се завршат започнатите процеси помеѓу Македонија и Грција, како и помеѓу Косово и Србија, за да конечно регионот може многу повеќе да се фокусира на економската соработка.
Косовскиот премиер Харадинај нотираше дека даночната политика во Косово, но и во другите земји во регионот е подобрена, додека српскиот вицепремиер Љајиќ забележи дека регионот во поглед на развој на инфраструктура и технолошки развој многу заостанува зад ЕУ и дека со сегашните стапки на раст потребни се околу 33 години за да се достигне стандардот на европските земји.
Утринава, Конференцијата ја отворија црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и австрискиот канцелар Себастијан Курц, додека по официјалното отворање на конференцијата, Вицепремиерот Анѓушев ќе учествува на панелот „Економска и европска перспектива на Балканот“, каде ќе дебатира со други високи политички претставници од земјите во регионот.
Канцеларот Курц во својот говор за време на свеченото отворањето се осврна на различните аспекти кои влијаат на поголемата економска и безбедносна стабилност во регионот. Тој нагласи дека денес имаме регион кој храбро чекори напред со реформските процеси и станува кредибилен фактор за цела Европска Унија.
„Ѝ честитам на Македонија за историската одлука да продолжи со имплементација на Преспанскиот договор, со што прати сигнал на охрабрување не само за Македонија, туку и за целиот регион“, нагласи Курц на свеченото отворање.