25/11/2024
Македонија

Вицепремиерот Анѓушев се сретна со деветнаесетгодишниот Христијан Котески кој иновираше теренско возило за чистење снег

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, оствари средба со деветнаесетгодишниот Христијан Котески, млад автомеханичар од прилепското село Борино, кој со сопствен труд и средства успеал да направи теренско возило за чистење снег.

Вицепремиерот му честиташе на младиот Христијан за успешниот иновативен потфат и разговараше со него за процесот на креирање на возилото. Тој истакна дека младите креативни луѓе се иднината на оваа земја и дека неговиот пример е добра водилка дека кога се има идеја, со напорна работа и посветеност може да се постигне посакуваниот резултат.

Со оглед на тоа што станува збор за лице кое нема постојан работен ангажман, вицепремиерот укажа на некои од можностите кои им се достапни на младите иновативни лица, како што се грантовите за самовработување преку Агенцијата за вработување со кои се дава неповратна финансиска поддршка од 5.000 евра, пари кои би можело да се искористат за регистрирање на фирма и опремување на механичарска работилница. Подоцна, со развој на компанијата, вицепремиерот објасни, дека се нудат можности за аплицирање на инструментите за поддршка на мали и средни претпријатија од Фондот за иновации и технолошки развој, и се овозможува поддршка во форма на поврат до 30% од инвестирани средства, за технолошки развој на компаниите.