Владата донесе одлуки за прогласување на Шар Планина за Национален парк и прогласување на Осоговските планини за заштитено подрачје
Ми претставува огромно задоволство да ја информирам јавноста дека на вчерашната седница на Владата на Република Северна Македонија беа усвоени иницијативите на Министерството за животна средина и просторно планирање за заштита на две подрачја во нашата држава: Шар Планина и Осоговските планини.
Владата донесе одлуки за прифатливост на предлозите за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и прогласување на Осоговските планини за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел.
Статусот на заштита беше утврден од страна на експертски тим кој спроведе студија за валоризација на подрачјата и со кои беше утврдено дека содржат високо ниво на биолошки и културни вредности за чие зачувување треба да бидат преземени мерки.
Со прогласувањето на овие подрачја покрај тоа што ќе ги исполниме националните стратешки цели и меѓународните обврски за заштита на природата, односно пределската разновидност и биодиверзитетот, исто така ќе има бенефит државата, а посебно општините кои ќе опфаќаат делови од заштитеното подрачје и локалното население.
Со финализирањето на овој процес ќе се зголемат можностите за преку гранична соработка со соседните земји, посебно од аспект на фактот дека Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа. Истовремено, заштитата на овие подрачја значи и напредок во исполнувањето на обврските од ЕУ директивите за живеалишта и птици.
Важно е да се напомене дека соодветното управување со заштитените подрачја значи искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување еко-системски услуги. Тоа подразбира заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности, заживување на селата во и околу заштитеното подрачје преку развој на екотуризмот, традиционалното земјоделие и овчарството.
Во нашата земја веќе има национални паркови каде што локалното население непречено ги одвива своите активности, како на пример националниот парк Пелистер, и прогласувањето на заштитено подрачје не значи запирање на сите активности, туку контролирано, планирано и одржливо користење на природните богатства.
Сакам да информирам дека согласно законската процедура за прогласување на заштитени подрачја, во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни. По усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации кои повторно ќе бидат доставени до Владата за усвојување.
Овој чекор на Владата и прифаќање на предлозите на Министерството за животна средина и просторно планирање значи препознавање и заложба за заштита на нашите природни богатства за кои експертската јавност се заложувала преку 20 години, и оваа одлука е првиот и основен чекор за конечно прогласување на овие заштитени подрачја. Уверувам дека ќе бидат земени предвид сите барања од засегнатите страни за обезбедување на заштита на природата без нанесување штети на локалното население, и обезбедување на развој на локалитетите според европските стандарди и начелата на одржливост.