Владата на Северна Македонија донесе повеќе заклучоци и препораки за превенција и заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните од корона вирусот
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница, врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со „корона“ вирусот на Министерството за здравство, и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, донесе повеќе заклучоци од интерес за заштитата на јавното здравје и здравјето на граѓаните.
На седницата е утврден заклучок Министерството за здравство, да формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата.
Овој центар ќе воспостави тесна соработка со медиумите во земјата, и ќе има за цел да ги прибира сите релевантни информации и со цел навремено, точно и најсоодветно информирање на јавноста за превенција и заштита на населението од ширење на корона вирусот, како и за постапките и институционалната рамка во делот на лекувањето на последиците од вирусот.
Владата донесе заклучок да го ограничи влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир.
Владата му наложи на Министерството за здравство итно да набави соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот.
Исто така, Министерството за здравство треба итно да набави соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.
Владата донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, како и да организира едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје.
Меѓу заклучоците на Владата за превенција и за справување со опасностите, на граѓаните на земјата им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот.
Меѓу заклучоците од 11-тата седница на Владата е и препораката до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.