Делегации на Владата положија цвеќе на споменикот на Гоце Делчев по повод „23 Октомври“ и Спомен куќата нa Петар Поп Арсов во Богомила
Денеска по повод одбележувањето на „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба“, Владата на Република Северна Македонија организираше положување на цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк Скопје, со владина делегација предводена од заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски и националниот координатор за воени и полициски ветерани, Стојанче Ангелов.
Друга делегација преводена од министерката за култура Ирена Стефоска и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски положија цвеќе на Спомен куќата на Петар Поп Арсов во Богомила.
Во продолжение е изјавата на заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски:
Изјава на заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски по повод одбележувањето на 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба Скопје, 23 октомври
„Денеска го одбележуваме 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба и со гордост се сеќаваме на храброста и пожртвуваноста на македонските револуционери.
Токму тука пред споменикот на Гоце Делчев, апостолот на македонското револуционерно движење, им се поклонуваме на сите борци и ја чествуваме нивната жртва, истрајност и нескршлива волја за слобода, правда и сопствена државност.
Македонската револуционерна организација се наметна како движечка сила преку која се организираа сите прогресивни сили без разлика на идеолошката провиниенција. Без македонските револуционери е незамислив континуитетот на ослободителната борба, која на крајот резултираше во вековниот идеал на македонскиот народ, создавање на сопствена држава.
Понесени од вредностите на Илинденското востание и македонските партизани го зачува нивниот завет и во 1944 година го одржаа АСНОМ, нашиот втор Илинден удирајќи ги темелите на македонската државност.
А токму Гоце Делчев беше инспирација за борците од Првиот прилепски партизански одред кој го носеше неговото име и го кренаа востанието за народно ослободување.
Денес, Северна Македонија и нејзиниот мултикултурен карактер, не можат да бидат разбрани без да се има предвид историјата, мисијата и дејноста на македонската револуционерна организација, чии идеи за македонска држава беа остварени во 1944 година.
Затоа чествувањето на Гоце Делчев треба да не обединува, како што обединуваше неговото дело насекаде каде што дејствуваше.
Благодарам и нека ни е честит Денот на македонската револуционерна борба!“