Деспотовски – во ТИРЗ постигнати близу 190 милиони инвестиции, нови 2700 работни места со просечна плата над 50.000 денари
Економските активности во ТИРЗ во 2021 година се највисоки досега од постоењето на Зоните, а со новиот концепт за привлекување на инвестиции воведен пред една година се постигнати договори од речиси 190 милиони евра, покажува годишната анализа на Дирекцијата која ја презентираше директорот Јован Деспотовски.
„Со паметен пристап во 2021 година успеавме да постигнеме договори за инвестиции во вкупен обем од 188 милиони евра кои ќе донесат нови 2700 работни места. Она што особено ме радува е дека овие наши сограѓани ќе имаат просечна плата од над 50.000 денари. Поголеми плати за вработените во Зоните си го поставивме како главен приоритет и продолжуваме преку посебни мерки и привлекување на висококвалитетни инвестиции да го поттикнуваме растот на платите,“ изјави Деспотовски.
Според анализата само со овие нови инвестиции до 2025 година во ТИРЗ ќе има раст од 19% на бројот на вработувања, на над 16.000, раст на приходите кај компаниите за 100%, односно за 3.200.000.000 евра, а во следните 10 години приходите во буџетот на годишно ниво ќе се слеат дополнителни 150 милиони евра, што е за речиси 400% повеќе споредено со 2020 година.
Деспотовски најави и дека во напредна фаза на преговори, каде компаниите имаат доставено најмалку официјално писмо за намери, се дополнителни инвестиции близу 300 милиони евра со нови над 1500 вработувања.
Инаку анализата покажува дека компаниите во ТИРЗ во 2021 достигнаа највисок извоз од 3 милијарди евра за една година што е рекордно ниво досега од постоењето на Зоните. Ова е за 15% повеќе споредено со 2020 година, и за 6,5% повеќе од 2019 која досега беше рекордна извозна година. И во однос на увозот достигнат е рекорд од речиси 2.9 милијарди евра што е за 31% повеќе од лани, односно над 12% повисок од 2019 година. И нето извозот е во позитива од над 2%. Раст од 8,14% има и кај бројот на вработени во просек споредено со 2020 година, а во зоните во моментов работат 14.000 лица.
„Овие бројки јасно укажуваат дека економијата не само што го надмина пандемискиот период туку бележи серозен раст. Очекувам трендот на раст да продолжи со оглед на тоа што дел од компаниите со кои потпишавме договори годинава веќе ќе започнат со производство и работа, така што очекувам и сегашното рекордно ниво да биде надминато веќе во 2022, “ изјави Деспотовски.
ТИРЗ годинава има спроведено и неколку нови проекти меѓу кои и старт на новиот Зелен стратешки инвестициски фонд кој треба да поттикне „зелени“ инвестиции од 750 милиони евра, а за кој веќе се изготвени три конкретни проекти во енергетскиот сектор. Воведен е и нов систем за грижа на корисници кој нуди персонализирана поддршка на компаниите а преку кој веќе се процесуирани над 3000 нивни барања. Исто така спроведена е измената на Упатството за оправдани инвестициски трошоци која за првпат е изработена од меѓународна ревизорска куќа и во соработка со компаниите, а Воведен е и модел на надворешен мониторинг на реализација на обврските од договорите со инвеститорите (од страна на реномирана ревизорска куќа).
„Со новото упатство како и со воведениот надворешен мониторинг на договорите за државна помош јасно се заштитуваат интересите на државата, за компаниите се воведуваат прецизни праaвила на функционирање,“ рече Деспотовски.
Деспотовски најави и дека во 2022 ќе се реализираат повеќе иницијативи, меѓу кои воведување на програми за домашни компании, заедно со меѓународната корпорација ИФЦ наменети за технолошко унапредување и можност за вмрежување на домашните компании во синџирот на набавки, потоа програма за поттикнување на раст на продуктивност наменета за развој на вештини и поттикнување на продуктивноста на работниците и компаниите, нова програма #Добра работа со цел поттикнување на раст на добро платени работни места во компаниите во ТИРЗ како и поттикнување на поголема мобилност на трудот во националната економија како и нова кампања за презентација на инвестициски можности во странство со цел поттикнување на инвестиции со фокус кон сите индустрии под мотото #Растеме заедно.