Докторите специјалисти од болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ од Охрид, ја извршија првата хируршка интервенција за вградување на вештачко рамо
Младите надежни стручњаци ја враќаат старата слава
Специјалната болница за ортопедија и трауматологија “Свети Еразмо”, од Охрид, во народот попозната како “Косна”, односно „Костозглобна“, во времето на поранешната ЈУ – федерација, важеше за стручна и елитна медицинска установа, од Гевгелија до Караванките, во Словенија.
Со акт на Општина Охрид, Болницата е формирана на 19-ти јули 1950 година. За помладите читатели, на сеопштата југословенска и балканска слава на оваа болница, треба да се додаде и славата на охридскиот специјалист по очни болести, д-р Голев од Општата болница. Тој, прв и единствен на балканските простори, патентираше и всадуваше очни леќи. Во чест и слава на овој голем стручњак, Очното одделение во општата болница го носи неговото име, што е потег за поздравување.
Во специјалната болница “Свети Еразмо”, се лекуваа и пациенти од соседните земји, а го привлече и вниманието на југословенскиот лидер Јоспип Броз Тито, кој, секоја година, токму во ова време, на младите пациенти, им испраќаше корпа мандарини што самиот ги набрал на островот Ванга од Брионскиот архипелаг.
На времето, за децата од основното образование, тука, беше организирана и настава. Тогашниот менаџмент, основачите д-р Мостров и Др- Ангеле Гере Ангеловски, заедно со легендарната главна медцинска сестра Везирка, “везеа” балкански, европски и светски успеси. А за да биде се, од нај-нај, категорија, познатиот ликовен уметник, Вангел Наумоски, во годините на најголемата слава кога гостуваше вои атељето на Салвадор Дали во Париз, Болницата ја опреми со со свои платна. Ова беше забележано од најпознатиот ликовен критичар во тоа време на Бaлканите, Ото Бихајли Мерин.
До каде стигна славата на оваа болница и какво доверба уживаше во медицинските кругови во светот, говори податокот што тука од далечниот Курган, во тогашниот Советски сојуз денес Руска Федерација, во Охрид, дојде да оперира доктор академик Гаврил Абрамович Илизаров. Неговиот метод на продоклжување на коски на екстремитетите, единствен во светот, во Специјалната болница се применува и денес.
Младите и надежни стручњаци ја враќаат старата слава
Младите и надежни стручњаци од оваа болница, старата година ја завршуваат со нов, голем успех, а, истовремено, најавуваат нови зафати од почетокот на наредната.
Пред два дена, во oхридската Специјална болница за ортопедија и траумотологија „Свети Еразмо“, беше извршена една од најважните и најтешките ортопедски хируршки интервенции, имплантација на тотална реверзна протеза на рамо или „вградување на вештачко рамо“.
Операцијата ја извршија докторите од „Свети Еразмо“, д-р специјалист ортопед Јордан Смически, д-р специјалист ортопед Александар Стевоски и д-р специјалист ортопед Огнен Шешоски, заедно о д-р специјалист ортопед Ненад Петков, од клиниката “8-ми Септември” од Скопје.
– Зафатот за прв пат е реализиран во нашата болница и предвидува вградување на имплант-протеза на рамо, а со тоа голем број на пациенти од нашиот регион ќе добијат можност за локално да се справат со ваков тип на проблем. Со ваквиот зафат, по вчерашната успешна интервенција, се прошири спектарот на интервенции во болницата. Под раководство на д-р Петков, оваа интервенција се извршува во болнцата 8-ми Септември веќе 3 години, но сега е достапна и во болницата „Св. Еразмо“, со што ќе може да се помогне на пациентите од регионот кои се соочуваат со ваков проблем, а со тоа и дополнително да не се изложуваат на други трошоци и да патуваат или во Скопје или надвор од државата како што беше случајот до сега, вели д-р Стевоски.
Д-р Стевоски: применуваме современа комплетна дијагностика и третман на пациенти според модерните светски трендови и практики.
Д-р Стевоски е специјалист од помладата генерација. Тој и неговите колеги ја враќаат старата слава на оваа медицинска установа. Покрај од нашата земја, оперираат пациенти од соседните земји, пред се, од Албанија. Добриот глас надалеку допира, така што, тие добиваат покани да оперираат и во европските земји.
Такви има многумина во земјата. Но прашање е дали земјата, во која се стекнале со основни стручни знаења кои сега ги усовршуваат во европските медицински центри, прави доволно за да ги задржи тука, овозможувајќи им услови за усовршување, но и адекватен паричен надоместок?
Едно време, беа наведувани да потпишуваат еден вид времени и со високи износи меници, договори со кои се обврзуваа да не ја напуштаат земјата. Но тоа не е вистионскиот начин, да не кажеме дека е и навредувачки.
Неодамна, повторно во употреба беше пуштен базенот во болницата кои се користи за физикална терапија на пациентите кои престојуваат и се лекуваат во болницата или се третираат за повреди и скршеници, како терапевтска мерка за рехабилитација.Во мегувреме, во болницата пристигна најсовремениот апарат за дијагностика – магнетна резонанца.
-Сега имаме можност за современа комплетна дијагностика и третман на пациенти според модерните светски трендови и практики. Веќе, после нова година, започнуваме со нова метода на рамен зглоб, за решавање на стабилизацијата на спортски повреди на рамото – со помалку инванзивни метоиди, такавикана артроскопска, со што го заокружуваме третманот на сите проблеми околу рамениот зглоб, напоменува д-р Стевоски.
Веле Митаноски