Државно тестирање на учениците: нова алатка која ќе помага во креирањето на квалитетни образовни политики
Државното тестирање на учениците од основните училишта е нова алатка чија пробна примена започна пред две години, а треба да обезбедува податоци корисни за институциите да креираат политики што ќе го подигнуваат квалитетот на воспитно образовниот систем.
За моделот на тестирањето и ефикасноста на досегашната имплементација, денеска дискутираа претставници на Министерството за образование и наука, Државниот испитен центар, Бирото за развој на образованието, Светска банка и Националниот институт за евалуација на системот за образование и обука од Италија како партнерска институција во спроведувањето на процесот.
Генерален заклучок од средбата е дека тестирањето е спроведено согласно правната регулатива и насоки. Основата на процесот е добро осмислена, а моделот треба да продолжи да се развива. За Државниот испитен центар, кој како институција носител на имплементацијата, ќе се обезбеди целосна техничка поддршка за унапредување и спроведување на тестирањето, а воедно предвидени се и континуирани обуки за зајакнување на институционалните капацитети.
Тестирањето кое има за крајна цел да се следи напредокот на нашите ученици во основното образование и да се подобрат резултатите од учење на учениците на национално ниво и на меѓународните тестирања, за прв пат се спроведе во 2022 година кога беа проверувани знаењата по мајчин јазик и математика на учениците од трето одделение, додека оваа година ќе бидат опфатени петтоодделенците.