Европскиот воз пристигна во Скопје
Почитуван г-дин Дејвид Гир, Амбасадор на Делегацијата на Европската Унија,
Ваши екселенции,
Почитуван г-дин Хари Локвенец, директор на Железница Инфраструктура,
Почитуван г-дин Аднан Азизи директор Железница Трнаспорт,
Почитуван г-дин Рене Шлее, Директор за Фондацијата Фридирх Еберт во Република Северна Македонија,
Почитувни гости,
Особено ми е драго што вечерва сме присутни во Скопје и заеднички одбележуваме еден глобален настан каде цела Европа, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија, посветуваме огромно внимание на развој и унапредување на железничкиот сообраќај на Континетот.
Најпрво би сакал да упатам благодарност до Европската Унија што ја вклучи Република Северна Македонија во оваа иницијатива посветена на Година на Железницата.
Овој воз како симбол на поврзаност на земјите, сам по себе говори за нашата стратешка визија, час поскоро да станеме полноправна членка на Европското семејство.
Европскиот воз како што сакаме да го нарекуваме, за нас претставува доказ за пријателство, доказ за одличната соработка што ја имаме со нашите партнери од Европската Унија за поддршката што ни ја овозможуваат во развој и модернизација на транспортниот сообраќај.
Република Северна Македонија е природен крстопат помеѓу Истокот и Западот. Овде минуваат двата европски патни правци, Коридор 8 и Коридор 10. Тоа ја става земјата во позиција каде преставува значаен транзит во делот на транспортот на патници и стоки.
Од тие причини, регионалното поврзување и модернизација на транспортната инфраструктура во земјата се високо на агендата на Владата на Република Северна Македонија.
Јас вечерва доаѓам од Белград, каде учествував на Самитот посветен на развој на Железницата во земјите од Западен Балкан.
Декларацијата и меморандумите за соработка што денеска ги потпишавме во Белград со Железниците од земјите од Западен Балкан во соработка со Европската Унија е само потврда на континуитетот на унапредување и модернизирање на железницата како во Република Северна Македонија така и во земјите во регионот.
Ова е заеднички влог за сите нас, за економски развој, за просперитет и влог за идните генерации.
Почитувани присутни.
Историски, железничкиот сообраќај на просторот на Република Северна Македонија датира од далечната 1873 година.
Низ годините железницата претставувала доминантен систем за развој на малите и средните бизниси, но и за размена на стока надвор од границите.
Денеска со изградена пруга од вкупно 595 километри, Железницата останува најконкурентен и најефикасен начин за транспорт на стока и патници.
Модернизација на железничкиот сообраќај е посебен предизвик за нас како држава.
Денеска вложуваме најобемни средства во износ од преку половина милијарда евра за изградба на нова пруга на Коридор 8. Создаваме нов железнички систем кој го усогласуваме и интегрираме во Европските транспортни мрежи.
И сето тоа го правиме со поддршка на нашите европски партнери за што изразувам јавна благодарност за тоа.
Во овој момент активно сме посветени на подобрување на железничките коридори и слободно можам да кажам дека работите добро напредуваат.
Во рамките на Националната транспортна стратегија 2018-2030 во делот на железничкиот систем посебен фокус даваме на доизградба на Коридор 8, на оската Исток-Запад.
Кон Исток во завршна фаза сме на избор на компанија што ќе ја гради пругата од Куманово до Крива Паланка, инвестиција од преку 200 милиони евра. Очекуваме прв квартал од 2022 година да започнат градежните работи на терен.
За комплетирање на железничкото поврзување на Исток, од делот на Крива Паланка до граничен премин Деве Баир, бараме поддршка од Европската Унија за до финансирање на овој регионален капитален проект со кој ќе овозможуваме отворање на нови пазари кон Исток.
Кон Запад, имаме изготвено целосен проект за железничко поврзување со Албанија и сме во фаза на преговори со меѓународни финансиски институции за кредитирање на овој исто така капитален проект. Ова е огромен проект, голем предизвик за нас, така да останува во наредниот период да се посветиме на негова реализација.
Во делот на железничкиот Коридор 10 Д, ја изградивме пругата од Битола до Кременица уште една врска со пристаништето во Солун и морам да спомнам дека изградбата беше со поддршка на Европската Унија.
Очекуваме час поскоро да се заврши целата административна процедура и пругата да ја ставиме во функција.
Исто така би спомнал дека е извршена рехабилитација на неколку делници на Коридор 10 со што е подигната безбедноста на сообраќајот и овозможивме побрзо движење на возовите до 120 километри на час.
Уверуваме дека модернизацијата на железничкиот Коридор 10 е исто така приоритет и затоа посветуваме посебно внимание на создавање на подобра кохезија во рамките на земјите членки на ЕУ и регионот.
Почитувани гости,
Република Северна Македонија создава нова транспортна мрежа која нуди нови алтернативни правци за брза комуникација и брз транспорт кон пазарите на Исток и кон Запад.
Соработка со соседните земји е на високо ниво, координирано работиме на регионалната интеграција и целосно сме фокусирани на развој на регионот.
Би благодарам