23/11/2024
Македонија

Заев: Божиќ повикува да продолжиме да ги негуваме заедничките вредности, да си посакаме мир, спокој и радост во срцата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев упати честитка до г.г. Стефан, архиепископот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и до претставниците на Синодот на МПЦ – ОА, целото свештенство и монаштво и до сите граѓани во нашата држава и странство, по повод  христијанскиот празник Рождество Христово Божик.

Содржината на честитката ви ја пренесуваме во целост:

„Ваше Блаженство,

Дозволете, Вам лично, на членовите на Синодот, на Вашето ценето свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Република Северна Македонија и во странство, да ви го честитам големиот христијански празник Божиќ.

Денешниот ден, кога го славиме Христовото раѓање и победата на доброто над злото е симбол на заедништвото и значењето на одржувањето на семејната хармонија и безусловна љубов.

Овие празнични денови нека ви бидат исполнети со добро здравје и духовен мир, водени од надежта дека Бог е со нас и славејќи ја радосната вест за неговото раѓање.

Светлината на раѓањето на Господ Исус Христос, ја пренесува до нашите срца пораката за почитување на ближниот, за солидарност, правење добри дела и пружање помош на секое човечко битие.

Токму во заедништвото и дарувањето безусловна љубов е нашата заедничка сила, нашата надеж дека создаваме благосостојба, сигурност и единство за секого подеднакво.

Со пораката „Христос се роди!“, да продолжиме да ги негуваме заедничките вредности, да си посакаме мир, спокој и радост во срцата, да празнуваме заедно со најблиските.

Честит Божиќ!“