Заев: Ви посакувам новата 2022 година да ви донесе многу остварувања и достигнувања исполнети со здравје, радост и со среќа
Почитувани мои сограѓани,
на крајот од 2021 година и пред почетокот на идната, сакам да уште еднаш да ви испратам најубави желби и да се заблагодарам за довербата што ми беше дадена.
Јас верувам дека лидерството треба да произлегува од довербата, а не од силата.
Останувам непоколебливо уверен дека заедно со Вас, со огромно мнозинство на народот во 2017 година зад нас ги оставивме најцрните страници од нашата независност до денес и дека ги отворивме бескрајните можности за нашата земја и за сите нас.
Непоколебливо сум уверен и во тоа дека, заедно со Вас, и јас сум припадник на една генерација којашто не е само дел од историјата, туку дека сме автори на некои од нашите најважни историски страници од македонската сегашност и македонската иднина.
Се изборивме да нѐ прифатат како држава со јасен национален идентитет затоа што македонската граѓанска идеја е во секој пулс на срцето на секој Македонец и секоја Македонка и на секој еден граѓанин на нашата заедничка Северна Македонија.
Со поглед свртен кон иднината постигнавме членство на нашата суверена држава во НАТО како најсилен воено-безбедносен сојуз на демократските и прогресивни земји и со отворена покана за членство во Европската Унија.
И денеска, како што не пропуштив ниту една пригода претходно, упатувам благодарност и на сите наши сограѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и на сите други етнички заедници, што покажаа другарско и братско разбирање. Ќе стои во учебници поддршката што Македонците ја добиваат од своите сограѓани овој период.
Таа поддршка, тоа разбирање за заштитениот македонски идентитет е од огромно значење за градењето едно општество. Мостовите што ги градиме денес се крвотокот на нашата меѓусебна доверба и на нашата заедничка иднина.
Во тој дух, да гледаме на новата година како на ново поглавје од нашето заедништво.
Пенкалото за испишување на новите успеси во тоа поглавје е во ваши раце. Никој друг повеќе нема да ја пишува нашата историја ниту да ја определува насоката за иднината. Само вие, граѓаните, можете да ги исполните новите поглавја.
Ви посакувам новата 2022 година да ви донесе многу остварувања и достигнувања исполнети со здравје, радост и со среќа.