29/11/2024
Македонија

Заев: Владата е партнер на инвеститорите, „Гересхајмер“ најавува нова најголема инвестиција од областа на фармацијата

„Инвестицијата на „Гересхајмер“ е многу важна од областа на здравството и фармацијата и како држава нѐ става на мапата на производители на медицински амбалажи кои се користат насекаде во светот. Оваа фабрика ја најавивме во 2019 година, денешното пуштање во употреба на инвестицијата е само еден дел од севкупните планови за инвестирање на „Гересхајмер“. Инвестицијата во оваа фаза е 25 милиони евра. На среден рок предвидено е да се отворат 400 работни места, а компанијата има сериозни планови и за натамошно проширување“, изјави премиерот Зоран Заев на официјалното отворање на фабриката на која присуствуваа и вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за здравство Венко Филипче, како и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Премиерот Заев упати искрени честитки за посветената работа и навремената реализација на инвестицијата на „Гересхајмер“ која произведува пластични системи за фармацевтската индустрија, што ќе обезбеди нови работни места и ќе придонесе во развојот на севкупната економија.

„Ова е прва фабрика на германската компанија во Југоисточна Европа, а Северна Македонија беше избрана како поволна бизнис дестинација во конкуренција со земјите од соседството, поради политиките на Владата, како и членството во НАТО што значи зголемена сигурност, стабилност и атрактивност за странските инвестиции. Компанијата „Гересхајмер“ најавува и втор инвестициски циклус за производство на стаклени шприцеви за медицински цели. Ова ќе биде најголема поединечна инвестиција во историјата на Северна Македонија, од областа на медицината и фармацијата„ изјави премиерот Заев и додаде дека високо квалификуваниот кадар на компанијата, претежно инженери имаат двојно повисоки плати од просечната.

Заменикот на претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи истакна дека Владата во изминатите 4 години направи исчекор во начинот како се привлекуваат, не само странските, туку и домашните инвеститори и како се креира додадена вредност.

„Додадената вредност се подобро платените работни места, нашите компании да бидат дел од ланецот на набавка на одредени индустрии што можеби во минатото тешко беше да се поверува. Отворањето на оваа фабрика на „Гересхајмер“ за нас е многу важен чекор, затоа што ова е прва нивна фабрика во Југоисточна Европа, а со најавите дека размислуваат за проширување, навистина ни дава задоволство секогаш да ги поддржиме. Ова само покажува и потврдува дека нашата посветеност за креирање на предвидлива и поволна бизнис клима е секојдневно присутна”, потенцираше Битиќи при што посочи дека само во 8 месеци потпишани се 53 договори за поддршка на инвестиции на домашни и странски компании со вкупен инвестициски циклус од 95,7 милиони евра и нови 2.000 работни места.

„Само за потсетување за одредени податоци коишто се случуваат заради функционирањето на компаниите во ТИРЗ зоните. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека за првите 2 месеци од 2021 година во споредба со истите месеци од 2020 година кога се уште немаше пандемија, бележиме раст на трговската размена од 6,7%, растот на извозот е речиси двоцифрен и изнесува околу 10%, а растот на увозот е околу 4,4%, а секако тоа што нас секогаш не интересира е покриеноста на увозот со извоз, кој изнесува од 78,4% што е одличен податок, знаејќи дека сме во период на криза”, посочи вицепремиерот Битиќи.

Директорот Деспотовски рече дека оваа фабрика која се отвора денес е конкретен резултат на посветена работа на оваа Влада.

„Нашата посветеност продолжува и низ интензивните преговори коишто ги водиме со компанијата за нова инвестиција. Можам само да го истакнам моето очекување дека во скоро време ќе можеме да склучиме најголем договор за странска инвестиција во историјата на Северна Македонија. „Гересхајмер“ само во првата фаза се обврза да отвори 200 работни места, а на среден рок да го удвои овој број. Нашите сограѓани кои работат овде веќе примаат плати двојно над државниот просек. ТИРЗ и оваа Влада се насочени кон компании со напредни технологии кои носат високо платени работни места кои ќе обезбедат добар животен стандард и се начин да им обезбедиме перспектива и иднина на младите дома, во својата земја”, изјави Деспотовски.

Потпретседателот на „Гересхајмер“, Оливер Бургел рече дека станува збор за водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика.

Првиот инвестициски циклус на „Гересхајмер“ е петгодишен и започна во 2019 година, а се очекува да заврши до 2024 година со инвестиција од најмалку 25 милиони евра. Оваа компанија има погони за производство во Европа, Северна и Јужна Америка и Азија со околу 10.000 вработени и остварува приходи од приближно 1,4 милијарди евра.