23/11/2024
Македонија

Заев: Во компаниите што добија поддршка преку ФИТР приходите се пораснати за 50 отсто

Резултатите од одобрените проекти се одлични. Во компаниите што добија поддршка преку Фондот за иновации и технолошки развој приходите од работењето пораснаа за 50 отсто, нето добивката пораснала за вртоглави 64 отсто, бројот на вработени е зголемен за 27 отсто, а просечната месечна плата пораснала за 40 отсто.

Дури 839.3 илјади евра или 39 отсто од средствата што биле  доделени како грант, информираше“ премиерот Заев, се вратени во Буџетот преку данокот на добивка и задолжителни придонеси на поддржаните компании.

„Вкупниот број на вработени во грантираните компании изнесува 769 вработени, од кои дури 360 се ново отворени места благодарение на финансиската поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој. Просечната плата во овие компании е 700 евра. Тоа се бројките на успехот. Тоа е бројките што ја прават голема насмевката на лицата на 769 вработени“, рече премиерот Заев.

Вицепремиерот за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, потсети дека една од главните задачи на Владата на самиот почеток на мандатот, беше да се креираат конкретни и ефикасни мерки со кои се овозможи реална и силна поддршка на македонската економија со Планот за економски раст, кој се темели на три столба.

„Мерките од третиот столб на Планот за економски раст се конкретно насочени кон микро, малите и средни компании и се имплементираат токму преку Фондот за иновации и технолошки развој. Изминатите две и пол години преку повеќе инструменти се подржани се вкупно 314 компании во вредност од околу 57 милиони евра, од кои 22 милиона евра се учество на самите компании, а приближно 35 милиони евра се средства коишто се наменети од Фондот, односно од буџетот на Северна Македонија и финансиски средства од Светска банка. Главната порака од овие проекти со сите граѓани, особено кон младите луѓе е: Останете во Република Северна Македонија и не чекајте да бидете вработени. Создадете своја фирма, креирајте свои производи, државата ќе ви помогне во развојот и комерцијализација на производите“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски рече дека семејството на ФИТР во изминативе две години порасна на 314 компании, 54 поддржани училишта и над 30 партнерски организации.

„Го зголемивме обемот на инвестиции во домашните компании за 57 пати. Две и пол години работиме, и две и пол години слушаме и критика и тоа голема. Не беше лесно да се помине сето тоа. Но ова што гледате тука се реални, луѓе реални проекти и реални успешни приказни, а не измислени работи. Одбравме дел од нашите корисници да ни бидат амбасадори и  преку нивните приказни да го доближиме заедничкиот успех. Гледате околу вас дека станува збор за луѓе од вашето соседство, ваши врсници, луѓе кои ги познавате и кои веќе успешно ги развиваат сопствените бизниси. И тие треба да бидат наша, ваша и заедничка инспирација и мотив да продолжиме понатаму. Во следниот период ќе слушате и гледате многу вакви успешни приказни. Нашата политика и нашата посветеност е да продолжи поддршката на економијата“, рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата „Креираме успешни приказни.