22/11/2024
Македонија

Заев: Го цениме интересот на германски „Сименс“ за поголемо конкурентно учество во енергетските и во другите капитални проекти во земјата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска прими делегација на регионалното претставништво на германската компанија „Сименс“, предводена од генералниот директор Удо Ајхлингер.

На средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, претставниците на „Сименс“, како компанија која има респектабилно меѓународно искуство и стручност, покажаа интерес за поголемо и непосредно присуство во Северна Македонија со цел да учествуваат во конкуренцијата во енергетскиот сектор во делот на обновливите извори на енергија, гасификацијата, како и во проектите за заштита на животната средина во капиталните проекти за управување со хидросистемите за снабдување и во системите за менаџирање со отпадните води.

Премиерот Заев и заменик-претседателот Битиќи ги запознаа претставниците на „Сименс“ со стратешките проекти на Владата во енергетиката со посебен акцент на развојот на капацитетите со обновливи извори на енергија, и со крупните проекти за управување со води и ги охрабрија да учествуваат на јавните повици за конкурентно учество за нивна реализација.

На средбата гостите од „Сименс“ беа запознаени и со предностите на Законот за стратешки инвестиции кој овозможува поголеми инвестициски циклуси на државно и на локално ниво со опција за државна помош за поттик на економскиот раст, вработувањето, примената на нови технологии и иновации, и за зголемување на конкурентноста и на извозот.