22/11/2024
Македонија

Заев: Државата оди по прав пат и од тој пат нема да се откажеме ниту ние, ниту граѓаните

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, одговара на пратенички прашања, на седницата во Собранието на Република Северна Македонија.

Премиерот Заев оцени дека државата оди на правиот пат и дека тоа ќе продолжи во периодот што претстои.

„Државата е на прав пат и од тој пат нема да се откажеме ниту ние, ниту граѓаните.  Суштините на политиките имаат директен импакт кај граѓаните“, рече премиерот Заев.

Тој посочи на реализацијата на интеграциите во НАТО, на стабилизацијата на односите во државата и со соседите и на економските перспективи.

„На прав пат сме. Барам чист мандат, за да покажеме трансформација и економски просперитет на решени интеграции. Јас сум убеден дека ќе добијам нов мандат за премиер“, повика премиерот Заев.

Тој порача „опозицијата да ги промени ставовите“, во името на доброто на државата и посочи дека и граѓаните знаат дека тоа до сега не се случи.

Премиерот Заев посочи на неколку ризици од актуелните политики на ВМРО-ДПМНЕ.

„Меѓуетничките односи во државата се под сериозен ризик, немате ништо променето во политиките соодветни на нашето општество кое што е мултиетничко. Втората работа е: веднаш кавги, и со Мицотакис и со Бојко Борисов, или со Грција и со Бугарија, ново вето, нови горчини, ново застанување во калта, шлапкање во место. Застанете зад интеграциите“, повика премиерот Заев кон опозицијата во Собранието.

Претседателот на Владата, Заев рече дека за разлика од ваквите политики на интерес само за сопствениот рејтинг, во државата се случуваат позитивни промени, пријателствата донесоа нови инвестиции, економијата расте.

„И тоа така ќе продолжи, тоа се и поголеми придобивки и младите да останат тука“, рече меѓу другото, претседателот на Владата, Зоран Заев на седницата за Пратенички прашања во Парламентот.