Заев и Тимерманс: Остварувањата на Северна Македонија треба да се испочитуваат со одлука за старт на преговарачкиот процес
Европската Унија сега треба да го направи одлучниот чекор и да донесе одлука за старт на преговорите за пристапување во членство за Република Северна Македонија, и тоа ќе биде силна порака и за другите земји во регионот дека донесувањето тешки и одговорни одлуки, како и длабоките реформски процеси се влог за подобра иднина, е заедничкиот став од денешната средба на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и потпретседателот на Европската Комисија, Франс Тимерманс.
Премиерот Заев, на оваа средба на која присуствуваше и заменик претседателот во Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во свое име, и во име на народот на нашата земја ја истакна благодарноста за поддршката на институциите на ЕУ, како и на земјите членки, за евроинтеграциските процеси и внатрешните реформи.
„Позитивна одлука на европските лидери за старт на преговори со Северна Македонија е логичен одговор за признавање на досегашните испораки на земјата и силен поттик за континуитет на реформите во насока на постигнување на европските стандарди“, рече на средбата премиерот Заев.
Тој потенцираше дека секое одлагање на почетокот на преговорите ќе ослободи простор за влијание на трети страни на кои демократските вредности не им се приоритети.
Потпретседателот на Европската Комисија, Тимерманс од своја страна нагласи дека политиките и остварувањата на Владата на Северна Македонија се за почит и дека имаат силна поддршка од европските институции и од огромното мнозинство на земјите членки на ЕУ кои се за почеток на преговарачкиот процес за членство.