Заев и Царовска во ССМ: Носиме нов закон за работни односи за европска заштита на правата на работниците
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, заедно со претседателот на ССМ Дарко Димовски и генералниот секретар на европската конфедерација на синдикати, Лука Висентини, денес имаа заедничка средба на конференцијата по повод новиот Предлог-закон за работни односи кој во моментов се дебатира со сите засегнати учесници.
На прес-конференцијата по тој повод, премиерот Зоран Заев се заблагодари за учеството и придонесот на синдикатите во изработката на новиот закон за работни односи и истакна дека најважен дел во него се одредбите за унапредување на правата на работниците, социјалната заштита, како и условите за раст на платите на сите вработени во државата.
„Социјалниот дел дава резултат, но не треба да застанеме тука. Министерката за труд и социјална политика, преку социјалниот дијалог, еве две години разговара за Законот за работни односи, кој го нарекуваат дури и „Мал Устав“ заради важноста за работниците, и низ внимателен, посветен и трпелив начин е дојдено до фаза успешно за сите страни да привршува дебатата и да се утврдат најдобрите решенија“, истакна на конференцијата за медиумите премиерот Заев.
Тој додаде дека со новиот закон се предлагаат решенија за многу прашања кои досега не беа опфатени и не беа во согласност со правата на работниците во ЕУ.
„Очекувам да се изнајдат решенија, за сезонската работа, за работата од дома и домашната работа, за тие што се на определено време, за работата од далечина, за еднаквиот третман на мажите и жените и потребата од напуштањето на позитивната дискриминација за жените, како и за комплетна регулација за ноќната работа, и за договорите за вработување на младите лица“, нагласи премиерот Заев.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска потенцираше дека новиот Закон за работни односи којшто е во фаза на подготовка е усогласен со меѓународните стандарди и ги унапредува работничките права и социјалниот дијалог.
„Одредени верзии на Законот се дискутирани од страна на сите социјалните партнери. Во подготовка на законското решение ја вклучуваме и академската јавност којашто се занимава со трудовото право. Очекувам во наредниот период дијалогот да продолжи и да донесеме закон којшто ќе биде во интерес на сите”, изјави Царовска.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски ја истакна инклузивноста на процесот во креирањето на прифатливи законски решенија во кој ССМ активно учествуваше.
„Хармонизацијата на нашата легислатива со европското законодавство за работни односи ветува дека ќе бидат имплементирани нашите барања како што се договорите за вработување со договор на определено време само во исклучителни ситуации и не подолго од една година, продолжено породилно отсуство до 12 месеци, 38 часовна работна недела, усогласување на платите според колективниот договор и усогласување на прашањата за годишни одмори и другите права“, нагласи претседателот на ССМ Дарко Димовски.
На средбата беше искажана поддршката од страна на генералниот секретар на европската конфедерација на синдикати, Лука Висентини, за европскиот пат и за европските заложби на Северна Македонија во решавањето на овие прашања, нагласувајќи го вклучувањето на сите институции надлежни за овие прашања во креирање на новиот закон за работни односи со европските вредности.