Заев: Мерката за укинување на квотите за лекови на рецепт во сите аптеки успешно ја спроведуваме, зајакнати се и контролите за да ги подобриме услугите
Во врска со мерката за укинување на квотите за лекови на рецепт во аптеките во целата држава, која се применува од почетокот на месецов, од 1 октомври, премиерот Зоран Заев и претставниците на Фондот за здравствено осигурување изразуваат задоволство од нејзиното успешно спроведување, информирајќи дека се зајакнати контролите и надминати појавените недоследности.
„Овој месец, веќе и самите граѓани можеа да се уверат, имаме достапни лекови во текот на целиот месец. Посетата на аптеките и разговорите со граѓаните тоа го потврдуваат. Квотите за лекови од 1 ви октомври, се укинати на територијата на целата држава. Повеќе нема редици за чекање, првите денови во месецот, како што во минатото беше присутна појава. Нема повеќе паника и страв кај граѓаните дека ќе останат без неопходните лекови. Сега веќе во било кое време од денот, во било кое време од неделата и во кое било време од месецот имаат лекови од позитивната листа. Од почетокот на спроведување на мерката ФЗО ги зајакна контролите и се отстранија недоследностите. При ребаланс на Буџетот, при секое буџетирање, ние го зајакнуваме Фондот за здравство затоа што нема поважна работа од здравјето на луѓето“, оцени премиерот Заев.
Претседателот на Владата посочи дека со новите промени, кои што денеска на прес-конференција ги најавија претставниците на Фондот за здравствено осигурување, за зголемување на надоместокот од 16 на 18 проценти за аптеките кои имаат склучено договор со Фондот за издавање на лекови, како и дека надоместокот за скапите лекови ќе изнесува 180 денари по рецепт, се компензира недостигот на сите лекови, вклучително и на оние поскапите и се остварува целосно стопроцентна и временска и количинска покриеност на неопходни лекови за сите граѓани во нашата држава.
Според премиерот Заев со овие, како и со сите други мерки што ќе следуваат, Владата на Република Северна Македонија останува посветена на изградба на достапен, квалитетен и долгорочно-финансиски одржлив систем на здравствена заштита, со посебна грижа за достоинствена здравствена професија со граѓаните во центарот на здравствениот систем.