Заев – Меркел во Тирана: Северна Македонија треба да ги започне преговорите, проширувањето на ЕУ со Западен Балкан не смее да се одлага
Владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи попладнево остварија билатерална средба со германската канцеларка на Сојузна Република Германија Ангела Меркел во Тирана.
Билатералната средба следи по официјалниот работен ручек којшто канцеларката Меркел, во рамките на својата посета на Западен Балкан, го организираше со лидерите на земјите од регионот на кој главна тема беше регионалната соработка.
На билатералната средба со канцеларката Меркел, премиерот Заев ги изнесе позициите на Република Северна Македонија во однос на потребата за забрзување на евроинтеграциските процеси и за што побрзо решавање на проблемот кој го наметна соседна Бугарија. Премиерот Заев нагласи дека единствен прифатлив предлог за нашата земја за надминување на блокадата на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со ЕУ, со кој се почитуваат заложбите и на двете страни за унапредување на меѓусебните односи и за евроинтегративните процеси во регионот.
Премиерот Заев исто така се осврна и на иницијативата Отворен Балкан која се темели токму на принципите на функционирање на Европската Унија.
„Нам ни е потребно што е можно побрзо решавање на политичките пречки и интегрирање на Северна Македонија во ЕУ. Ние успешно ги завршивме нашите домашни задачи, но тоа не значи дека запираме тука, напротив секој ден работиме и се бориме за подобро утре за нашите граѓани“, истакна премиерот Заев на билатералната средба со канцеларката Меркел.
Канцеларката Меркел се согласи со владината делегација дека ЕУ интеграцијата и на Северна Македонија и на регионот не смее да продолжи да се одложува и дека постојаниот напредок е нотиран од страна на сите релевантни европски институции и меѓународни партнери на државата.
Премиерот Заев и канцеларката Меркел разговараа и за трговската размена помеѓу двете држави и за дополнително унапредување на економските инвестиции во државата со оглед на поволната бизнис клима која ја прави Германија број еден трговски партнер на Северна Македонија во континуитет со години.
На средбата претседателот на Владата Зоран Заев се заблагодари за личниот ангажман на канцеларката Меркел за нејзината севкупна посветена работа и непроценлив придонес за зајакнување на односите на СР Германија со Северна Македонија како и за нејзината поддршка и поддршката на нејзината земја на нашиот пат до членството во НАТО и во процесот за членство во ЕУ.