Заев: Нова чешка инвестиција во ИТ секторот, креираме предвидлива даночна политика и услови за натамошен раст
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев со Амбасадорот на Република Чешка во земјава Мирослав Томан, на денешната прес-конференција ги истакнаа придобивките од новата чешка инвестиција во ИКТ секторот во земјава. Станува збор за инвеститорот од Европската Унија, „АРИКОМА“ Групацијата, една од најголемите чешки групации дел од „ККЦГ“ групацијата која е приватна мултинационална финансиска и инвестициска групација основана во 1995 година со канцеларии во Швајцарија, Чешка, Велика Британија и САД со вкупна вредност на капиталот од седум милијарди евра и пет милијарди евра приходи и 6.000 вработени во 22 земји во светот.
Премиерот Заев ја поздрави оваа инвестиција како основа за понатамошен раст на успешни македонски компании во насока на зголемување на вработувањата, развој на ИТ професионалците и поттик за понатамошен раст на секторот кој значително придонесува во економскиот развој на земјата.
„Човечкиот потенцијал секогаш бил и натаму останува највредниот ресурс на компанијата, бизнисот, на севкупното општество. Токму лицата од ИТ секторoт покажаа голем потенцијал за развој на оваа дејност во нашата земја. Македонскиот ИКТ сектор во последните години бележи постојан раст во број на компании и вработени, раст на извозот, на профитот и на приходите. Оваа индустрија е најбрзо растечка во земјава, која ги вработува најмладите и најпрогресивните граѓани. Нашите заложби се насочени кон натамошно подобрување на условите за работа, кои треба да ја раздвижат ИКТ индустријата и да овозможат забрзана дигитализација на компаниите. За таа цел еден од приоритетите во Владината програма е намалување на персоналниот данок во ИТ секторот од сегашните 10 отсто на 0 отсто во 2023 година. Тоа треба да биде доволен поттик за натамошен развој на оваа индустрија“, истакна Заев и ги повикува чешките компании и понатаму да инвестираат во земјава за заеднички да ја продлабочуваме трговската размена која е во нагорна линија.
Премиерот нагласи дека потенцијал за унапредување на соработката покрај во ИКТ секторот, регистриран е и во секторите посветени на заштита на животната средина, земјоделство, индустрија, како и заедничка соработка за модернизација на армијата.
Новата инвестиција ја поздрави амбасадорот Томан, кој воедно ја истакна важноста на поединечните инвеститори во развојот на трговските, но и севкупните билатерални односи на двете земји. Амбасадорот се осврна на континуираната поддршка на Чешката Република, како и потенцијалите за продлабочување на економската соработка во повеќе области. Дополнително нагласи дека од Република Чешка континуирано пристигнува поддршка од здравствени помошни средства во борбата со пандемијата.
Михал Томанек, директор за инвестиции одговорен за ИТ во „Арикома“ истакна дека продолжуваат да инвестираат во вработување и развој на ИТ експертите во Северна Македонија како и дека ќе ги унапредат вложувањата во развој на сите профили на ИТ кадри преку едукативните центри на „Сивус“.
Игор Лештар претседател на управниот одбор на „Сеавус“ рече дека со силниот стратешки партнер, „АРИКОМА“ ќе се забрзаат иновациите и уште повеќе ќе ги зајакнеме позициите на меѓународниот пазар. Тој подвлече дека остануваат посветени на развојот на ИТ индустријата и кадрите во земјава, со цел севкупна поддршка на економијата и заедницата.
Согласно податоците од Централен регистар, ИКТ индустријата расте по сите основи. Генералниот приход на индустријата во 2016 година бил 752 милиони евра, додека во 2019 година бил 880 милиони евра. Тоа е раст од 17% за три години. Вкупниот број на компании регистрирани во ИКТ секторот од 2016 година кога биле 1,296 пораснал на 1,957 во 2019 година, што е пораст за околу 700-тини компании за само четири години.
Бројот на вработени од 10,975 во 2014 година, пораснал на 15,093 во 2019 што е пораст за приближно 50%. Ова е значителен пораст на вработените во една индустрија. Значаен пораст бележи извозот на ИКТ софтвер и услуги, кој во 2016 година бил 150 милиони евра, а во 2019 година пораснал до 210 милиони евра, што е пораст за 40%.
https://www.youtube.com/watch?v=LkBoDA2yoUk&feature=emb_title