Заев: Растот на БДП во вториот квартал од 13,1%, е потврда дека економијата е стабилна
Премиерот Зоран Заев со воведно обраќање ја отвори Првата годишна конференција „Економско заздравување и раст по КОВИД-19“ во рамки на Економскиот и финансиски форум.
Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека после една година, според денешните официјални статистички податоци можеме да кажеме дека кризата и официјално одминува и економијата заздравува, што е потврда и на нашите анализи дека економијата е стабилна и ќе растe.
„Официјално пред неколку минути е објавено од Заводот за статистика дека во вториот квартал од годинава согласно статистика регистриран е позитивен раст на бруто домашниот производ во износ од 13,1 процент. Ова значи дека првото полугодие од оваа година постигнавме раст на бруто домашниот продукт од 5,6 проценти“, рече премиерот Заев.
На Конференцијата премиерот Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, го најавија и Планот за здравување и финансирање на забрзан раст кој е веќе подготвен. Целта е да се обезбеди финансирање на закрепнувањето на економија од КОВИД и поддршка за забрзан одржлив раст со паралелно одржување фискална стабилност преку мобилизирање капитал од приватниот сектор како дополнување на буџетските средства и задолжувањата.
Во продолжение обраќањето на премиерот Зоран Заев во целина:
„Почитувани дами и господа,
Ваши екселенции, почитувани министри, пријатели, соработници,
Претставници на медиумите,
Ми претставува голема чест и задоволство со воведно обраќање да ја отворам Првата годишна конференција „Економско заздравување и раст по КОВИД-19“ во рамки на Економскиот и финансиски форум.
Ја поздравувам оваа иницијатива на Министерството за финансии за организација на овој значаен Форум, кој несомнено отвора дебата и дискусии за идните предизвици кои стојат пред носителите на економските политики во Република Северна Македонија и Југоисточна Европа.
Чест и задоволство е што денес сме собрани сите на едно место, креаторите на политиките, претставниците на нашите партнери од меѓународните институции, претставниците на граѓанското општество, академици, експерти, деловната заедница, како и сите засегнати страни кои можат да делуваат кон подобрување на политичкиот дијалог за економски и финансиски теми од национален и регионален интерес.
Како во сите држави во светот, така и економијата во Република Северна Македонија беше погодена од пандемија, а Владата за цело време со сет мерки и проактивно се соочуваше одлучно со предизвиците кои со себе ги носи КОВИД-19.
Почитувани,
Владата креира поволен деловен амбиент и еднакви услови како за домашните така и за странските инвеститори.
Националната економија е стабилна, расте, и ќе расте. Горд сум што Северна Македонија постигна договор со Бугарија и Грција и што денес сме членки на НАТО, што значи сигурност и безбедност за нашата земја, како и за сегашните и идните инвеститори. Нашата земја, ги исполни и сите услови за почеток на преговорите по поглавјата и кластерите за членство во ЕУ што е безусловно потврдено од Европската Комисија, како и од целосното мнозинство, консензуално од сите земјите членки во март минатата година.
Остануваме посветени на подигнување на стандардот и условите за живот во Северна Македонија.
Нашите заложби за креирање на предвидлив деловен амбиент, преку воспоставување на механизми за владеење на правото, стабилни економски политики како и креирање поволни услови за инвестирање се веќе потврдени. Новите инвестиции и резултатите се потврда за економската активност во Технолошко-индустриските развојни зони која е во постојан раст. Бројот на работни места само во ТИРЗ е зголемен за 8% за една година, споредено со јули 2021 во однос на истиот месец 2020 година.
Во моментов во зоните работат 14.240 наши сограѓани, а се очекува ваквиот тренд да продолжи во наредните месеци. Согласно договорите со досегашните инвеститори се очекува отворање на дополнителни 7.000 нови работни места.
Извозот во првите седум месеци од годинава во зоните достигна 1 милијарда и 700 милиони евра, што е за 56% повеќе во однос на истиот период лани, односно над 9% во однос на 2019 и речиси 30% повеќе од 2018 година. Само во јули извозот е 225 милиони евра. Според анализата компаниите активни во зоните учествуваат со над 45% во вкупниот извозна државата. Овие позитивни трендови, се резултат на новиот концепт на привлекување инвестиции во ТИРЗ и Владата кој се базира на анализа на 10 годишни инвестициски планови врз основа на кои се проценува капацитетот на компанијата и инвестицијата, и се подготвува индивидуализиран пакет за учество на државата.
Почитувани,
После една година, според денешните официјални статистички податоци можеме да кажеме дека кризата и официјално одминува и економијата заздравува, што е потврда и на нашите анализи дека економијата е стабилна и ќе растe.
Официјално пред неколку минути е објавено од Заводот за статистика дека во вториот квартал од годинава согласно статистика регистриран е позитивен раст на бруто домашниот производ во износ од 13,1 процент. Ова значи дека првото полугодие од оваа година постигнавме раст на бруто домашниот продукт од 5,6 проценти.
За годинава проектираме раст од 4,1 отсто како цела 2021 година , со очекувања извозот да забележи раст од 10,6 отсто, бруто-инвестициите раст од 8 проценти.
Стапката на вработеност од крајот на 2020 година наваму повторно почнува да расте со темпо како и пред пандемијата, со раст од 1,5% во последните три квартали. Невработеноста е на ниво од 15,9% што е историски најниско ниво во поновата македонска историја, истата е намалена за 4,8% споредено со истиот период од 2020 година. Дополнително согласно официјалните статистички податоци, просечната нето-плата во државата континуирано расте и истата по вработен, во јуни 2021 година, изнесува 28.744 денари.
Со масовната имунизација и со закрепнување на глобалната економија очекуваме дополнително зајакнување на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз.
И во оваа прилика сакам да се заблагодарам за безрезервната поддршка, пред се финансиска, материјална, како и со експертиза и знаење, овозможени од Вас, претставниците на меѓународните финансиски институции како и останати учесници, во изминатиот период.
Овој настан денес, претставува потврда за нашите партнерства и пријателства, за нашата идна соработка и размена на искуства.
И покрај сите околности и пречки, како објективни така и субјективни, Република Северна Македонија е одлучна и единствена во определбата за европеизација. Процесот за пристапување кон ЕУ бара многу солидни подготовки за учество на единствениот пазар на ЕУ. Имајќи го тоа предвид, Република Северна Македонија има поставено конкретни активности во областите на таканаречените четири слободи на ЕУ, на кои се додадени дигитален, инвестициски, иновациски и индустриски столб.
За нас зајакнувањето на регионалната соработка претставува многу битна цел, бидејќи воочуваме дека таа дава најбрзи ефекти за подобрување на економските перформанси.
Секако дека треба да следи подобрување и на конкурентната способност на македонската економија, пред се преку структурни промени низ „паметна специјализација“, подобрени вештини преку подобро образование, истражување и иновации, и вклучување во постојните, како и креирање на нови индустриски вредносни вериги. Паралелно со овие активности е и промовирањето на „зелен развој“ и транзиција. Тоа се големите задачи што не очекуваат во наредниот среднорочен и долгорочен период.
Владиниот економски тим континуирано и посветено работи на подготовка на планови за идниот среднорочен развој на државата. Во таа смисла, Интервентниот План за Инвестиции 2021-2027 ги опфаќа сите инвестиции кои се планира да отпочнат во земјава, вклучувајќи ги и приватните инвестиции на домашните и странски инвеститори. Тоа е стратешки документ со дефинирани елементи, како – вредност на инвестиции, клучни инвестициски области, инвестициски пристап итн. Како комплементарен план на Интервентниот План за Инвестиции 2021-2027, е подготвен и Планот заздравување и финансирање на забрзан раст.
Основна цел на Планот е да го финансира закрепнувањето на економија од КОВИД-19, како и да го поддржи забрзан одржлив раст, при едновремено одржување на фискална стабилност преку мобилизирање на капитал од приватниот сектор како дополнување на буџетските средства и задолжувањата. Притоа планот дава комплетна слика околу пристапот, односно создавање на законски можности за спроведување на истото. Истовремено, Планот ги содржи и мултипликативните ефекти кои ќе ги дадат инвестициите прикажани по финансиски инструменти, изворите на финансирање, инвестициските области и конкретни започнати и планирани проекти. Во продолжение, планот дефинира Патоказ/Акциски план за имплементирање на активностите, заокружување и забрзување на започнатите и временски приказ за отпочнување на идните проекти.
Покрај тоа, Планот дефинира прецизно поставена владина структура на единици и поделба на ингеренции кои ќе водат до успешна имплементација. За прв пат велиме да воспоставиме Delivery Unit, Monitoring Unit и PIMA преку кои ќе имаме навремен целосен увид за одредени приоритети, реализација, слабости, пречки и најургентни задачи. Јас искрено верувам дека ова е начинот да ги совладаме институционалните слабости и да ги зајакнеме нашите капацитети.
Почитувани,
Пандемијата не научи дека е неизбежно да се обединат општествата, владите и компаниите, да се адаптираат на новата реалност и да се дизајнираат политики фокусирани на градење на еднаквост, инклузивност и одржливост на економиите.
Она што следи понатаму, е подобрување на инвестициската и бизнис клима, отпорност на шоковите, осврт кон зелените инвестиции и дигитализацијата, зајакнување на здравствениот и едукативниот систем како основа за човечкиот капитал, зајакнување на националните институционални капацитети и истовремено одржување на фискална консолидација.
Овој значаен настан денес го доживувам како уште еден чекор за подобрување и унапредување на политиките базирани на докази и истражување, кои се витални за Владата и кои треба да бидат применливи за сите владини политики. Секако, очекуваме уште многу вакви искуства и практики.
Уште еднаш, упатувам честитки за заложбите на Министерството за финансии за организација на оваа меѓународна конференција која посакувам да ги постави темелите и во иднина да прерасне во конференција со традиција и силно влијание во регионот и во Европа.
Посакувам успешни два дена, на оваа прва наша конференција!“