23/11/2024
Македонија

Заклучок во врска со случајот на Леонид Индов; Одлука за воспоставување брза лента за издавање патни документи на професионалните возачи

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница го разгледа случајот на Леонид Индов, за што детално информираше министерот за здравство.

Образложени беа досегашните процедури што се водат пред надлежните институции и се однесуваат на рехабилитацијата на Индов, што се одвива во моментов.

Во врска со ова прашање, Владата донесе заклучок со којшто го задолжи министерот за здравство да разговара со семејството и да ги запознае со можните решенија за подмирување на досегашните трошоци за рехабилитација на Леонид Индов, по што тој ќе ја информира Владата за конкретното изнајдено решение.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за известување за склучен Колективен договор на Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 287/22).

Согласно денеска донесените владини заклучоци, вработените во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од овој месец ќе добиваат повисоки плати во просек за околу 22%, а ретроактивно ќе им се исплати и разликата за месец јануари. Со ова, започнува исполнувањето на обврската на државата, којашто произлегува од Kолективниот поединечен договор на оваа високообразовна установа, потпишан на 29.12.2022 година, а со примена од 01.01.2024 година.

Според информацијата од Министерството за образование и наука, вкупно 3.000 професори, асистенти, административни и технички лица ќе почнат да добиваат зголемен износ на личниот приход по основ на плата за околу 22%, а дополнително зголемување за одреден процент ќе има и од месец март, кога е предвидено и зголемување на минималната плата во државата. 

Станува збор за обврска согласно Kолективниот поединечен договор потпишан помеѓу Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ и Собранието на Република Северна Македонија, како основач на високообразовната установа, а чијашто цел е унапредување на правата, можностите и материјалната состојба на вработените на Универзитетот.
 
Примената на Договорот се очекува значително да ја подигне мотивацијата за работа и квалитетот на наставно – научниот процес, во интерес на студентите и создавање што поквалитетни генерации, кои успешно ќе се интегрираат и ќе раководат со општествените процеси.
 
Министерството за образование и наука, во координација со другите надлежни институции, ќе се заложи унапредувањето на правата на вработените во високото образование и науката да продолжи и во иднина, преку поттикнување на склучување нови колективни договори и со останатите универзитети.

Владата, на денешната седница донесе одлука со којашто на професионалните возачи кои поседуваат валиден сертификат, Министерството за внатрешни работи треба да им издава патни исправи во приоритетна постапка, по редовна цена и врз основа на доставено барање и список од страна на Министерството за транспорт и врски.

Одлуката за воспоставување брза лента за издавање патни документи на професионалните возачи е донесена по информацијата од Министерството за транспорт и врски за одржаниот состанок со превозници кои вршат превоз на стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Со одлуката се опфатени сите транспортери и превозници кои поседуваат валидни сертификати за професионални возачи, и на кои им се овозможува по приоритет да ги заменат патните документи, со цел континуирано извршување на работните обврски.

Постапката за пријавување ќе се извршува преку здруженијата и асоцијациите на транспортери, со што листите со професионални возачи ќе се достават до Министерството за транспорт и врски, кое ќе ја проверува валидноста на сертификатите, а понатаму ќе се проследуваат до Министерството за внатрешни работи.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата околу Вториот извештај на ГРЕКО за усогласеност на Република Северна Македонија – Четврт круг на евалуација и даде согласност на Министерството за правда, за објавување на Извештајот во согласност со правилата на ГРЕКО за објавување на извештаите.

Заклучокот на Извештајот е дека, од вкупно 19 дадени препораки на Република Северна Македонија, од коишто 4 се однесуваат на Собранието, 9 на судството, 3 на обвинителството и 3 на други институции (МП, ДКСК) – 14 препораки се целосно имплементирани, 4 препораки се делумно имплементирани и 1 препорака е останата неимплементирана. 

Согласно тоа, како што извести ресорното Министерство за правда, ГРЕКО заклучува дека „може да се забележи напредок во спроведувањето на препораките упатени до Северна Македонија“ и дека „со усвојувањето на овој Втор адендум на Вториот извештај за усогласеност, се комплетира постапката за четвртиот круг на евалуација на Северна Македонија“.

Четвртиот круг на евалуација на ГРЕКО е на тема „Спречување корупција кај пратениците, судиите и обвинителите“ и е започнат во 2012 година.    

Групата на држави против корупција на Совет на Европа – ГРЕКО е формирана во 1999 година, со цел да ја подобри способноста на нејзините членки за борба против корупцијата, преку мониторинг на имплементацијата на анти-корупциските стандарди на Советот на Европа и спроведување на обврските што ги презеле во оваа област. А, Република Северна Македонија е членка на ГРЕКО од 2000 година, учествува во сите активности на оваа меѓународна организација и има континуирана соработка и комуникација.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за Национален Акциски план за Партнерство за отворена власт со Предлог национален Акциски план и го разгледа и прифати Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година.

Задолжено е ресорното Министерство за информатичко општество и администрациіа да формира работна група со сите релевантни чинители за спроведуванье на Националниот акциски план, Совет за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024-2026 година и до Владата за достави среднорочен и финален извештај за статусот на имплементација.

Преку иницијативата Партнерство за отворена власт, се зајакнува соработката помеѓу јавниот и невладиниот сектор. А, Шестиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2024-2026 година (НАП 6), како што е образложено од предлагачот, МИОА, се надоврзува на претходниот, истакнувајки ја важноста од развивање политики што одговараат на потребите на граѓаните, како одговор на современите текови. 

Тоа е предвидено со заложбите за отворена влада, отворен парламент и отворено судство, од што по двегодишниот период на реализација се очекуваат новите придобивки за граѓаните.